| четврток, 6 декември 2018 |

10 дена до распуштање на Собранието

собраниеНа 7 април Собранието треба да се распушти и да се распишат предвремените парламентарни избори презакажани за 5 јуни. Иако на 24 февруари, по маратонскиот ден на убедување и преговарање со посредство на дипломатите во земјава, сите четири страни, креатори и потписнички на Договорот од Пржибо, се согласија за новиот изборен ден – петтиот од јуни, периодот потоа, сведоци сме на реалност што воопшто не личи на подготовка за избори, ами повеќе на своевиден притисок да не се одржат ни на 5 јуни, анализира „Дневник“.

Можни сценарија

Покрај Социјалдемократскиот сојуз, странските амбасадори се меѓу најгласните што го проблематизираат одржувањето на изборите. Германската амбасадорка неколкупати повтори дека е краток рокот до 5 јуни а „има уште работа, како медиумите, квалитетот на Избирачкиот список и воздржување од политичка манипулација врз гласачите“. Довчерашниот посредник во преговорите за медиумите, пак, Питер ван Хут си дозволи самоуверено да оцени дека „земјава не е подготвена за избори“. Ете ова се толкува како првично чистење на теренот на полесна артилерија, која подготвува место за „тешкашите“ ако се оцени дека има потреба од нов притисок за ново пролонгирање на гласањето, со оглед на фактот што нема посериозна индикација дека СДСМ може да избегне тежок пораз.

На само 10 дена од распуштањето на парламентот, можно ли е одлагање на изборите? Што велат моментните состојби? До овој момент сите четири страни одбегнуваат да го проблематизираат датумот директно, но постојат факти врз основа на кои опозицијата би притиснала ново одлагање односно неодржување.

Имено, од СДСМ само за „Дневник“ неколкупати досега нагласиле дека „без медиумска реформа, нема избори ниту на 5-ти“. Иако повеќепати од нив баравме поексплицитно образложение на нивната изборна програма, но никогаш не добивме, сепак, тврдат дека се спремни да се тркаат во јуни, но не без решени медиуми. И не само медиумите, туку и Избирачкиот список. Државната изборна комисија откако го почна вкрстувањето беше мотив за исмевање, предмет за лицитирање (заради бројките на спорните гласачи), политичко тело, и се – само не единствено надлежен орган за организирање и спроведување избори, кому му требаше слободен простор од притисоци, да работи и да излезе со сопствени, неполитички резултати. Во секој случај, сведоци сме дека ДИK не може да добие кој знае каква оценка за ажурност, а во тој контекст се гледа и најавеното, па одложено започнување на теренската проверка. Факт е дека ДИK постојано губи по некој ден, што на крајот може да резултира со ново проблематизирање на роковите.

Повторно објавување на нелегалните снимки

Освен медиумите и списокот, деновиве лидерот на СДСМ, Зоран Заев бара и да се ревидира законот за приватност и да се дозволи повторно објавување на незаконските снимки. Не е јасно зошто е потребно ова барање, на кое се приклучија и некои амбасади, кога такви снимки официјално не поседува веќе никој. Но, ова се толкува како можно сценарио во случај изборите да не се одложат, при што се јавува потреба од нова офанзива против ВМРО- ДПМНЕ. Инаку, ако остане исто решението во овој закон, не само што е забрането објавување на снимките, туку од 11 април, казниво е и самото нивно поседување. Според Заев, сите овие забрани се премногу ригорозни оти снимките „опфаќаат прашања од јавен интерес“ кои требало да ги знае народот.

– Законот воспоставува мошне ригидно правило според кое се забранува објавувањето на сите прислушувани материјали. Венецијската комисија препорачува законот да дозволува објавување содржини што се поврзани со прашањето на јавен интерес, со тесно дефинирани исклучоци, а поврзани со откривањето информации за интимните аспекти на приватниот и на семејниот живот. Законот треба да остави простор за балансирање кое би го правеле прво новинарите, а потоа судовите, се вели во писмото на Заев, кое тој пред неколку дена го испрати до потписниците на пржинските договори.

Без или со закон за приватноста, снимките веќе се раширени во и надвор од државата, приватните животи на јавни личности и на обични граѓани се во рацете на луѓе од македонското, косовското и српското подземје. Дел од нив се достапни и на каналот„ Јутјуб“ со недели. Дали овие снимки навистина ќе се користат само за дознавање на вистината или евентуално како уште една алатка во обид да се оцрни спротивната страна – ако изборите не се одложат, останува да почекаме – ќе биде појасно веќе следниве десет дена. Тоа што во овој момент е познато е дека тие веќе се користат за рекетирање.

Што ако изборите не се одложат?

Доколку сестраните притисоци за одлагање на изборите не успеат, опозиционерите се подготвени на, како што велат „улична демократија“. Нивните ставови ги дели и Ван Хут. Ќе биде ли поттикнувана предизборно, или потоа, за да се оспорат резултатите ако не се во нивна корист, ќе почекаме за да дознаеме. Но факт е дека деновиве едногласно повикуваат дека во Македонија „изборите не водат кон демократија“, туку – народот на улица. Тоа е всушност дел од идејата однапред да се проблематизира резултатот од изборите, повторно да се влезе во играта за нивно непризнавање и земјата да продолжи да живее во криза.

Оттука, изгледа не случајно, првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски предупреди дека ако изборите не се случат на 5 јуни, тензиите ќе се интензивираат и граѓаните ќе излезат на улица. Тоа се толкува како порака дека и другата страна нема мирно да ги гледа овие сценарија и дека, сепак, најдобро е, ако страстите се смират и се испочитува договореното. Во спротивно, ќе се влезе во сценарио што, очигледно, низа странски претставници го посакуваат, а кое никако не може да му донесе ништо добро на СДСМ.- додава Дневник во својата анализа „10 дена до распуштањето на Собранието

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top