Летното сметање на времето годинава започна и ќе трае до 30 октомври, односно 6 месеци и 26 дена. Зимското сметање ќе почне на 30 октомври и ќе трае до 26 март 2017 година, односно 5 месеци и два дена.
Историски, творци на идејата за ваквиот начин на сметање на времето е на Американецот Бенџамин Френклин. Германија и Австро-Угарија го примениле уште пред стотина години за да заштедат гориво за време на Првата светска војна, а денеска се практикува во 70 земји.
Најголемиот дел од државите кои се членки на ЕУ оваа пракса ја воведувале од 1960 до 1970 година. Во западна Европа поместувањето на стрелките на часовникот е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век со образложение дека се „продолжува” денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен. Но, сите земји на различни датуми преминувале на новото сметање на времето и тоа претставувало проблем.
Во тие случаи трпел транспортот и комуникацијата оти требало да има постојано прилагодување на сатнината. Токму затоа на ниво на земјите од ЕУ се утврдува истовремено преминување кон новото сметање на времето.
Првата директива за летното сметање на времето е донесена во јули 1980 година, а стапила во сила во 1981 година. Отпрвин зимското сметање на времето кај континенталните земјите од ЕУ било на крајот на септември, а за Велика Британија и Ирска на крајот на октомври.
Но по 16 години настануваат промени, односно од 2001 година сите држави во исто време го пресметуваат зимското време.
Во поранешна СФР Југославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година. Отпрвин и кај нас зимското сметање на времето почнуваше последната недела од септември, а од пред 15 години од крајот на октомври.
Летното сметање на времето ќе заврши во последната недела во октомври во три часот наутро.
Зошто се прави ова?
Менувањето на часовникот од зимско во летно сметање на времето се прави со главна цел да се заштеди енергија. Сончевата светлина ја имаме до доцна во денот, односно се пролонгира завршувањето на денот и почетокот на утрото кое се смета со изгревање на сонцето. Точно е дека ќе добиеме еден час повеќе, сонцето ќе излезе и ќе зајде еден час подоцна.
Дали ќe влијае на нашето здравје?
Експертите на Европскиот парламент ја анализирале промената на времето и од аспект на здравјето на човекот и согледале дека самото преминување на летното сметање на времето влијае на сонот, односно можеби сонот се скратува, но луѓето пак повеќе се изложени на дневна светлина, на сонце и повеќе примаат Д-витамин што одлично влијае на нивното здравје. Се смета дека дневното светло поволно влијае на душевните тегоби.
Некои медицински експерти велат дека смената на времето може позитивно и негативно да влијае на здравјето. Порано се сметало дека оваа промена на времето не може посебно да влијае на нашето здравје, но денеска истражувањата го потврдуваат спротивното. Многу научници, меѓу кои е и германскиот хронолог Тил Роненберг, сметаат дека менувањето на часовникот е исклучително штетно за организмот и дека треба што поскоро да се прекине со оваа штетна навика.
Со ваквото менување на времето, нагласува Tил Роненберг, дека се мешаме во природниот ритам на времето и како што вели тој „овој колективен договор за започнување на работното време еден час подоцна или порано носи непроценлива штета за организмот”. Оваа промена на времето е штетна навика која тој ја докажал преку бројни експерименти. Промената на времето не влијае само субјективно врз луѓето туку влијае и на нивната плодност. Роненберг се залага во наредните години оваа, како што вели тој штетна навика, да се прекине насекаде во светот.
Германскиот научник нагласува дека на биолошкиот часовник кој се наоѓа во секој човек и оној часовник кој го имаме во социјалната средина им се потребни неколку недели, а можеби и повеќе за да се синхронизираат.
Дали би се сменило нешто доколку престанеме со менување на времето?
Многу земји во Европа и во светот престанаа со постојаното менување на часовникот. Информациите укажуваат дека најверојатно и Македонија ќе престане понатаму да го менува постојаното сметање на времето од зимско во летно и обратно, што би било многу добро. Сепак, дали тоа навистина ќе се случи, останува да видиме.
Кој добива од промената на времето?
Летното сметање на времето позитивно влијае на економијата, здравјето, безбедноста, туризмот, забавата, на намалувањето на криминалот, утврдиле анализите на Европскиот парламент. Според нив поместувањето на стрелките на часовникот за еден час понапред се воведува со цел да се продолжи денот, односно што повеќе да се користи дневното светло, а со тоа да се штеди струја, но и целокупната енергија. Истовремено се намалува и бројот на сообраќајни незгоди во вечерните часови.
ЕУ како единствен европски пазар пред повеќе од 30 години воведе задолжение сите членки да го почитуваат летното и зимското сметање на времето. Два пати годишно во исто време и на ист ден да се менува времето и лете и зиме. Оваа постапка е унифицирана за да нема последици во економијата, особено во транспортот на стоки. Македонија исто така е ускладена со ова време.
Земјите-членки на ЕУ го утврдиле правилото летното сметање на времето секогаш да преминува на крајот на март кога се поместува часовникот еден час нанапред, а во последната недела од октомври се враќа еден час наназад и тогаш почнува зимското време.
Три временски зони има во ЕУ
Во ЕУ има три временски зони што се утврдува во однос на средното време според Гринич. Осум членки ЕУ применуваат плус два часа плус во однос на средното време по Гринич, а тоа се: Бугарија, Кипар, Естонија, Финска, Грција, Летонија, Литванија и Романија.
Три членки не ЕУ – Ирска, Велика Британија и Португалија го сметаат времето по Гринич, а најмногу 17 држави додаваат плус еден час меѓу кои Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска.
И Македонија, иако не е членка на ЕУ, и таа е вклучена во овие земји. Летно сметање на времето се практикува и во САД, Канада, Нов Зеланд, Мексико, Бразил, Кина и во поголемиот дел од Австралија. Единствено летно сметање на времето немаат воведено Русија, Кина, Јапонија и Индија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.