Судските тужби на Црвена звезда Железник и на Црвена звезда од Белград се причина за белградскиот суд да издаде налог за апсење на трофејниот тренер Душко Вујошевиќ. Оваа информација утрово ја објави српскиот весник „Курир“, додавајќи дека тужбите се однесуваат на изјавите на Вујошевиќ за Црвена звезда, со кои според тужителите се уништувал угледот, но и се намалувала кредитната способност на „црвено-белите“.
Станува збор за коментарите на Вујошевиќ за создавањето на Црвена звезда, која според неговите тогашни зборови станала приватен клуб на Небојша Човиќ. И Човиќ како приватно лице го тужеше Вујошевиќ, веднаш следеше и контра-тужба, двете подоцна беа повлечени, но онаа на Црвена звезда како клуб остана правосилна и влезе во процедура.
Според „Курир“, Вујошевиќ не се појавил на неколку рочишта од судењето, па судијата издал налог за негово апсење. Оваа информација ја потврдил и адвокатот на тренерот, кој побарал и изземање на судијата од процесот бидејќи смета дека нема основа за притвор додека не се пристапи кон рочиште за смирување.
– Очигледно е дека судството служи за мобинг и за малтретирање на граѓаните – изјави Вујошевиќ, кој работи како прв тренер во францускиот Лимож.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.