Белгиската полиција синоќа уапси шест лица во рамки на истрагата за нападите врз аеродромот и метро станицата во Брисел во вторникот, при што загинаа 31 лице.
Лицата биле уапсени при полициски акции во центарот на белгиската престолнина и во населбите Скарбек и Јете во северните делови на градот.
Белгискиот федерален обвинител Фредерик Де Леув за новинската агенција Белга, потврдил дека синоќа околу 21 часот била спроведена операција на специјалните полициски сили во Скарбек, при што неколку сведоци потврдија дека се слушале и експлозии, а два часа подоцна бил прогласен безбедносен периметар во тој дел од градот.
Според Белга, во операцијата во Скарбек учествувал и бомбашки тим на полицијата, кој од населбата однел автомобил марка „Мерцедес“. При акција во Скарбек, каде завчера беше откриен и станот што го изнајмувале браќата Ел Бакруи, кои се саморазнесоа на аеродромот „Завентем“ и на метро станицата „Малбек“, беа пронајдени 15 килограми експлозив, 150 литри ацетон, детонатори, шајки и шрафови за подготовка на т.н. домашни бомби.
Рано утринава, пак, според обвинителот Де Леув, во акција на полицијата во Јете, населба што се наоѓа веднаш до Скарбек, биле уапсени две лица, а уште едно лице е лишено од слобода во близина на центарот на Брисел.
Сите овие се на некој начин поврзани со терористичките напади што се случија во вторникот во Брисел, во кои загинаа 31 лице, а 300 беа повредени, од кои 63 се уште се наоѓаат во тешка состојба.
Претходно синоќа, францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев соопшти дека во близина на Париз бил уапсен француски државјанин, кој е осомничен за членство во милитантна група која планирала напади во Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.