| четврток, 6 декември 2018 |

Сине, лично ќе те однесам во пеколот

По ланските терористички напади во Париз, Белгија здоби глас на упориште на радикалните исламисти во Европа. Многу белгиски градови се обидуваат да ја спречат радикализацијата на младите муслимани.

Ден по својот 18. роденден, едно момче од Антверпен отпатувало во Сирија каде што се приклучило во редовите на т.н. Исламска држава. Неговата мајка Фатима не знае дали нејзиниот син е жив или не.

– Секој ден плачам. Мојот живот ми стана хорор – вели оваа жена.

Неколку дена по неговото исчезнување добила писмо во кое ги објаснил своите намери.

– Тоа за мене беше како погреб. Знам дека веќе никогаш нема да го видам – вели таа

Поразителен рекорд во Вилвордеу

– Радикализираните момчиња што одат во Сирија не се само конкретна опасност на боиштата, туку се и тешко бреме за своите семејства што ги оставаат во Европа – вели социјалниот работник Моад ел Будати од гратчето Вилвордеу во близина на Брисел.

Ова гратче носи неславен рекорд, не само за Белгија туку и за цела Европа. Од тука 28 момчиња отишле во Сирија и Ирак за да се борат. Во 2014 година градските власти покренаа проект со кој младите сограѓани би ги спасиле од радикализација.

Програмата е успешна бидејќи оттогаш ниту еден млад муслиман не се приклучил во редовите на ИД. Ел Боудат објаснува дека градот сега се обидува на младите да им пружи некаква перспектива, да им даде смисла за живот, некое занимање.

И околу верските прашања се разговара со младите. Толкувањето на Куранот повеќе не е препуштено на салафистите.

– Исламската заедница призна дека во минатото правела грешки во односот кон младите. Сега нудат верски курсеви. Само тој што ја признава грешката може нешто да промени – заклучува социјалниот работник Ел Боудати.

Неговиот најдобар пријател пред неколку години заминал во Сирија каде што загинал. Секое муслиманско семејство во Вилвордеу знае некој што се приклучил на ИД. Во меѓувреме постои повисок степен на сензибилност на првата појава на радикализација.

„Тоа е како секта‟

На успех можат да се надеваат само тие кои тесно соработуваат со џамиите, смета и градоначалникот на блискиот град Мехелен, Барт Сомерс, кој многу пред Вилвордеу или некој друг белгиски град, презема чекори во спречување на радикализацијата.

– Имавме среќа. Од Мехелен никој не замина да се бори во Сирија – вели Сомерс за „Дојче веле“.

Тој ги објаснува методите за борбата против радикализацијата.

– Важно е на младиот човек да му се пристапи во рана фаза и да се поврзе со лице од доверба. Најлоша е изолацијата. Бидејќи и сектите се обидуваат своите жртви да ги изолираат од другите, кои, можеби, би ги вратиле во општеството – вели тој.

Еден од инструментите на таа борба е и проектот „Полицијата од соседството“, каде што преку постојан дијалог со граѓаните се обидуваат проблемот да го откријат и спречат во фаза на појава.

Но, Ив Богерт од полицијата во Мехелен признава дека им недостасуваат полицајци со муслиманско потекло.

Полицијата во овој град веќе има искуства и во борбата против радикализацијата на младите неонацисти. – Се работи за постојана борба меѓу хуманоста и демократијата од една и тоталитаризмот од друга страна, вели градоначалникот Сомерс и го споредува денешниот исламизам со фашизмот од 30-те години од минатиот век.

„Во исламот се почитуваат желбите на родителите‟

Во другите белгиски градови борбата против радикализацијата не е толку успешна како во Мехелен. Речиси 500 млади Белгијци заминале во Сирија и Ирак. Многу дополнително радикализирани се враќаат дома.

Општините како Моленбек во Брисел предоцна ја открија опасноста од потенцијалните повратници. Во поголемите градови како Брисел, освен тоа, полесно може да се стопат во масата. Од овој дел на градот потекнаа и напаѓачите и тука се планирани нападите на Париз во декември минатата година.

Фатима од почетокот на приказната во меѓувреме била активна во здруженија кои се борат против радикализација на младите муслимани. Таа на заинтересираните им ја кажува својата семејна приказна, за кое како што самата вели, не и е лесно. И сè уште е лута на својот син, кој ако сè уште е жив има 20 години.

– Ми рече на телефон веднаш по доаѓањето дека тоа го прави за мене и дека ако загине ќе се сретнеме на небото. Му реков: лично ќе те однесам во пеколот. Бидејќи во исламот мора да ги слушаш родителите. Многу сум тажна поради тебе – изјави Фатима.

Извор: Дојче веле, Берлин

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top