| четврток, 6 декември 2018 |

За 10 години отворени се 49 поголеми гринфилд компании

Изминативе десет години во Македонија се привлекоа 49 поголеми гринфилд инвестиции и стотици помали, наведе владеачката партија во отчетот. Ова овозможи креирање 17 илјади нови работни места со најава за дуплирање на бројката на 34 илјади во следните три години.

Странските инвеститори го поттикнаа домашниот бизнис

Странските инвеститори значително го  поттикнаа и домашниот бизнис, обезбедувајќи ангажман за стотици домашни фирми. На зголемувањето на оваа соработка активно се работи.

-Влијае за паралелно развивање на капацитетот и квалитетот на македонските компании. Квалитетот на производството и конкурентноста на македонските компании, покрај оваа соработка што ја имаат со директните странски инвестиции, се покажува и на друго поле, односно добивање на дополнителни можности за зголемување на извозот на македонските производи, велат од Сојузот на стопански комори.

Уште еден од секторите каде има значително раздвижување е рударството. Покрај наоѓањето инвеститор за Злетово и Тораница, годинава се очекува да се отвори руднкиот Казандол. како и најголемиот рудник за злато во Југоисточна Европа, Иловица.

-Минатата недела заврши електронската јавна аукција за концесија на Злетово и  Тораница и компанија од Бугарија беше со највисока понуда. Процесот трае и во следната недела ќе има официјален концесионер. Понатаму уште една фаза откуп на стечајна маса што треба да ја објави стечајниот управител и ќе се премине кон правење план за рестартирање. Првата фаза ќе почне во јуни и за 3 месеци концесионерот ќе може да ги ангажира поголемиот дел од вработените во овие два рудници. Тоа е многу важно за овој крај бидејќи повеќе од 920 рудари очекуваат да се вратат на работа. Во текот на оваа година уште 2 рудници ќе почнат со градба, Казан Дол и најголемиот во југоисточна Европа, рудникот за злато и сребро на Еуромакс, која е околу 500 милиони евра во отворање на рудникот и очекуваме 1000 луѓе да бидат вработени. Ако досега во историјата на Македонија беа издадени 54 концесии, за овој период имаме издадени 217 концесии за експлоатација и ќе очекуваме да се отворат уште повеќе рудници, истакна заменик-министерот за економија Кристијан Делев.


Изминативе 10 години над 2,6 милијарди евра странски инвестиции

Износот на странските инвестиции во десетгодишниот период достигнал 2,6 милијарди евра. За споредба, во 13 –годишниот период пред тоа, странските инвестиции достигнале 1,3 милијарди евра.

– Оваа Влада носела два и пол пати повеќе инвестиции на годишно ниво од кога било претходно и тоа во услови на светска, економска и политичка криза, рече тој.

Странските инвестиции се важни, не само заради тоа што отвораат нови работни места, туку не учат и на нови работи и на нови технологии. Важно е да ги привлечеме бидејќи тие знаења кои ќе ги стекнат вработените, ги пренесуваат и во домашните компании, рече Пешевски.

Информира дека има вкупно 49 гринфилд инвестиции кои се донесени, како и стотици помали.

– Плановите кои самите компании ги имаат објавено покажуваат дека за наредните три години вкупно кај нив ќе бидат отворени уште толку нови работни места колку што веќе имаат вработени. Ќе се дуплира бројот на вработени кај овие компании, а покрај тоа ќе се креираат уште најмалку толку работни места кај домашните компании кои соработуваат со нив. Тоа е ефектот што го баравме и еве постепено сега го гледаме. Жителите на Македонија можат да видат, ние само во последните две години имаме најавено инвестиции по цела територија. Водиме сметка за цела Македонија, рече Пешевски.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо на отчетот истакна дека само во зоните има 23 компании кои работат активно или ја реализираат својата инвестиција и оти таму во моментов имаат креирано 5.300 работни места.

– До крајот на годината нивниот план е да додадат уште дополнителни 1.800 работни места, што значи дека оваа бројка ќе биде 7.100 луѓе во зоните, само од оние компании кои во моментов се таму присутни. Но, во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис планови ќе бидат вкупно креирани над 16.500 работни места само од овие 23 компании, истакна Мизо.

Покрај директните вработувања, странските инвестиции  ги поттикнаа и вработувањата и ангажманот во домашните компании, а од извоз од 4,5 милијарди евра годишен извоз 1,5 милијарда се од зоните.


Преку „Македонија вработува“ отворени 15.200 работни места

Преку проектот „Македонија вработува“ досега отворени 15.200 нови работни места. Тоа значи дека 60 нови вработувања се отворале секој ден или како да се отворени 15 нови фабрики со 1.000 вработени лица, истакна  Пешевски при отчетот .

Ги ослободивме, рече, од персонален данок и од плаќање задолжителни социјални придонеси компаниите. – Оценивме дека сакаме да ја нападнеме невработеноста и превземавме мерки, истакна Пешевски.

Потсети дека проектот „Македонија вработува“ не бил насочен кон една целна група туку кон пет категории – невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, невработени од ранливите категории граѓани, и лицата постари од 58 години.

Тој информира дека овој проект се уште трае и треба да заврши на 15 април.

– Компаниите се уште можат да аплицираат и до крајот очекуваме бројот на работни места да достигне околу 16.000 лица. Распределбата е рамномерна помеѓу сите региони низ Македонија. По старосни групи најголем број вработувања имаат оние до 35 години. Проектот ги адресира прашањата на целото население. Оние кои се потешко вработливи на овој начин се покажа дека може да им се помогне, истакна Пешевски.


Преку мерката за млади вработени 12.200 лица до 29 години

– Заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска давајќи отчет за сработеното во изминатиот период информира дека само преку мерката за млади се вработени 12.200 лица до 29 години.

– Преку мерката за вработување на млади лица до 29 години која започна од март 2014, а заврши сега на 14 март оваа година. Се вработија 12.200 млади лица во Република Македонија во 5.290 компании, истакна спасов на презентацијата на отчетот што го организира ВМРО-ДПМНЕ за сработеното во изминатите години.

Оваа мерка, додаде Спасов, го иницираше и Проектот Македонија вработува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top