| четврток, 6 декември 2018 |

Индиската стјуардеса стана симбол на нападите во Брисел

Фотографијата на која една потресена жена со растргната облека седи во бриселскиот аеродром го обиколи светот.

Станува збор за Индијката од Мумбаи, стјуардесата Нидхи Чапхекар, од индијската компанија „Џеј ервејс“, јавува „Мирор“. Таа преседнала во Брисел на пат за Њуарк, најголемиот град во сојузната американска држава Њу Џерси. Фотографирана е како седи, потполно избезумена од шок, целата прекриена во крв, со скината униформа и без една обувка. Крв и тече од челото. Покрај неа седи жена која панично некого го бара на телефон.

Оваа фотографија брзо се прошири по социјалните мрежи и стана симбол на безумниот терористички напад на главниот град на Белгија, токму во срцето на Европа.

Фотографијата е дело на дописникот за грузијската телевизија Кетеван Кардава, лоциран во Брисел, откако и самиот „заглавил“ на аеродром.

Чапхекар е мајка на две деца, моментно е во болница, а откако ќе биде пушетна на домашно лекување таа ќе замине во Индија.

– Чекала да влезе во авионот, во летот за Њуарк, во 10.15 часот. Немаме информации за тоа какви повреди има, моментно е во болници. Соработуваме со индијската амбасада за да ги евакуирме нашите државјани од Брисел – изјавија од „Џет ервејс“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top