Берни Сандерс освои голема победа на првичните избори за претседателската номинација кај Демократската партија меѓу нејзините приврзаници во странство. Гласањето е познато како „Демократите во странство“ (Democrats Abroad), пренесуваат американските медиуми.
Партијата сооопшти дека 34.570 американски државјани во странство, кои живеат во 38 земји, од 1 до 8 март гласале преку Интернет, по пошта и лично. Сандерс ја обезбедил поддршката од 69 проценти од избирачите демократи, со што освоил и девет од 13-те делегатски места што ги даваат изборите во странство. Хилари Клинтон, пак, освои 31 процент или четири делегатски места.
Победата е важна за Сандерс, кој минатиот вторник претрпе сериозни порази од Клинтон во пет американски сојузни држави. Тој заостанува зад неа со над 300 делегатски места.
Според сите досегашни првични избори или партиски собранија во Демократската партија, Клинтон во моментов располага со 1.163 делегати во споредба со 844-те на Сандерс.
Согласно американскиот систем за спроведување на првични избори избирачите избираат делегати, кои ги поддржуваат нивните кандидати во секоја од државите, а потоа делегатите на националните партиски конференции гласаат за кандидатите за определување на претседателската номинација.
Кога кон тоа се додадат и таканаречените суперделегати – водечки фигури во партиите, кои можат да го поддржат секого од кандидатите, предноста на Клинтон станува уште поголема – 1.630 наспроти 870 делегатски места за Сандерс. За некој од кандидатите да ја добие партиската номинација неопходни му се 2.383 делегатски гласа.
Сезоната на првични избори веќе е кон нејзината средина, а натпреварот кај демократите неделава се поместува кон западните држави, а Сандерс планира да ги добие за да ја намали предноста на Клинтон. Демократите утре гласаат во Аризона, Ајдахо и Јута, а вкупниот број делегатски места, кои тие ги даваат изнесува 131. Во сабота ќе се произнесат и партиските собранија на демократите во Аљаска, државата Вашингтон и на Хаваите, а овие држави даваат 142 делегатски места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.