На местото Под јаворите во Дојран викендов официјално почна манифестацијата „Дојран – град на културата“ која оваа општина во југоисточна Македонија ќе ја носи во текот на целата година и ќе ја одбележи со голем број културни настани.
Манифестацијата за отворена ја прогласи градоначалникот на Дојран Борче Стамов, кој се надева дека „Дојран – град на културата“ ќе стане своевиден форум и отворена сцена за домашната културна и уметничка елита.
-Се наоѓаме на првата страница од една книга која верувам дека заеднички прекрасно ќе ја напишеме. Публиката ќе има можност да види уметност од сите жанрови. Сите вкусови ќе бидат задоволени и сечии сетила разбудени. Дојран е градот каде што треба да бидете годинава. Ќе се обидеме со оваа манифестација, впрочем како и досега, да изградиме културни мостови, постојано и одново, докажувајќи дека грижата за уметничките вредности е од големо значење како за Дојран, така и за државата – рече Стамов.
Тој се заблагодари на Министерството за култура зашто избирајќи го Дојран да ја носи титулата град на титулата во 2016, инвестирало во развој на неговиот туризам.
Во име на Министеството за култура и министерката Елизабета Канческа – Милевска, на отворањето се обрати Снежана Ристовска, државен советник за дејности, која рече дека еден од приоритетите на Министерството е збогатување на културата на локално ниво, односно создавање услови за развој на културниот туризам како фактор за социјалниот и економскиот развој на општините во Република Македонија.
-Дојран оваа, 2016 година, ќе биде центар на низа културни активности, театарски претстави, ликовни изложби, книжевни настани, концерти на класична, забавна и народна музика и други културни настани кои се дел од програмата на манифестацијата „Град на културата“. Реализацијата на програмата, која содржи повеќе од 100 програмски содржини наменети за сите генерации, е извонредна можност за побогат културен живот во градот и ќе биде провокација не само за граѓаните од државава, туку и за посетителите од регионот и пошироко – истакна Ристовска. Манифестацијата „Дојран Град на културата“ беше отворена со концерт на Каролина Гочева, Даниел Кајмаковски и ДНК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.