| четврток, 6 декември 2018 |

Вторпат „Вкусот на Франција“ во Скопје

Тој го откри менито за вечерата - специјалитети од неколку француски региони и типични француски производи, ќе има супа од кромид подготвена на традиционален начин, салата од рукола вргањ и магдонос, свинско филе во сос од сенф со мешан зеленчук, француско сирење со мед, нормандиска пита со јаболка и калвадос

Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје со француска вечерва во Центарот „Јавна соба“ вторпат ќе ја организираат манифестацијата „Вкусот на Франција“.

Настанот е по повод Деновите на франкофонијата, а француска вечера ќе биде организирана на пет континенти со илјада ангажирани готвачи. Иницијативата е на реномираниот готвач Ален Дикас и на Министерството за надворешни работи и меѓународен развој.

За менито во „Јавна соба“ ќе биде задолжен готвачот Марк де Јонг. Со тим соработници од Македонија тој денеска ќе подготви вечера за околу 120 гости, кои ќе ги дегустираат вкусовите од Франција.

Амбасадорката на Франција Лоренс Оер на прес-конференција по повод манифестацијата, рече дека француската гастрономија е основен елемент на француската култура и традиција, впишана е на листата на светско наследство на УНЕСКО и е значаен сегмент од туристичката понуда на Франција.

– Целта на настанот „Вкусот на Франција“ е француската кујна да им стане попристапна на луѓето. Сакаме да се прошири и во Битола, Тетово и во други градови, и да имаме и француски ресторани. Кујната е нешто што ги зближува луѓето, таа е момент на задоволство и споделување, а таков момент ќе имаме в понеделник – рече Оер.

Таа рече дека ја сака и македонската кујна и подготовката на здрава храна и многу зеленчук. Наоѓа и сличности меѓу двете кујни, споредувајќи го тавче-гравче со француското касуле или блискоста во вкусовите на вината мускат и траминец.

Покрај вечерата во „Јавна соба“, ќе има француска вечера и за високи гости во Резиденцијата на Франција во Скопје.

Готвачот Марк де Јонг ќе ги даде идеите и искуството за менито, а во подготовката на состојките ќе му помага тим од македонски готвачи и соработници од „Јавна соба“.

– Сè што имате овде, во Македонија – зеленчукот, овошјето, сè е многу вкусно. Тоа е поради поднебјето, имате многу сончеви денови во годината и затоа сè е добро. Јас уживам овде во кујната. Откога дојдов пред две години, кујната целосно ми се смени. Работам повеќе зеленчук и овошје. Јас и другите што ќе дојдат ќе ви покажеме како може да се готви на друг начин со се она што го има во Македонија. Тоа е поентата – рече Марк де Јонг.

Тој го откри менито за вечерата – специјалитети од неколку француски региони и типични француски производи, ќе има супа од кромид подготвена на традиционален начин, салата од рукола вргањ и магдонос, свинско филе во сос од сенф со мешан зеленчук, француско сирење со мед, нормандиска пита со јаболка и калвадос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top