Денеска, 21 март, Македонија по вторпат се приклучува на глобалната кампања на Јулиус Мајнл, „Плати со поезија“ по повод Светскиот ден на поезијата.
– Нурнете длабоко во себеси и споделете ги вашите чувства. Испијте го вашето кафе на Денот на поезијата и учествувајте во големата глобална кампања што се одржува насекаде низ светот, а платете со валута што е многу повредна и подобра од парите… вашите емоции. Поезијата може да го направи светот подобар. Поезијата е многу повеќе од зборови на прашливо парче хартија. Поезијата е акција, поезијата може да ви ги отвори нашите очи за општествените вистини, може да ги предизвика наследниот систем на вредности и може да ги поврзе нашите срца со она што навистина е битно – се вели во видеото со кое се најавува глобалната кампања „Плати со поезија“ во која учествуваат познати поети од секоја од државите во која се спроведува акцијата.
Скопје по вторпат е дел од мрежата на повеќе од 30 градови во светот каде граѓаните можат да испијат кафе или чај и да ги платат со поема. По успешната минатогодишна кампања „Плати кафе со поезија“, која за првпат беше спроведена во нашиот главен град и истата беше поздравена од граѓаните и привлече огромно внимание од јавноста, оваа година Скопје повторно гордо е дел од глобалната акција.
Минатата година се собраа повеќе од 600 поезии, кои освен на македонски и албански, беа пишувани и на бугарски, турски, руски, германски, српски и англиски јазик.
Оваа година љубители на доброто кафе, вкусните чајни ароми и убавиот пишан збор се добредојдени во „Венето“ во „Ситимол“, „Паладиум“ во Капиштец, „Наргиле“ во Стара чаршија, „Дион“ на Кеј и „Баду“ во Порта Влае да го испијат своето кафе или чај и истите да ги платат со поезија и притоа имаат шанса да се дружат со реномирани поети од нашата држава.
Поетите од Македонија кои што се вклучени во „Плати со поезија“ и истите ќе ги оценуваат поемите на граѓаните кои потоа ќе добијат и награди се: Дарко Лешоски, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Јован Илиевски, Ксенија Николова, Наим Илијази, Драгана Ефтимова, Мартин Богатиноски, Ана Голејшка, Љубица Шопова, Билјана Стојановска, Слаѓана Атанасова.
Дополнителни информации за „Плати со поезија“ ќе бидат објавени и на официјалниот настан на „Фејсбук“.
Повеќе од 30 земји и повеќе од 1.000 кафетерии низ целиот свет. Плати со поезија на 21 март!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.