| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва сонете го идниот сопруг – обичаи за ноќта спроти Тодорова Сабота

Празнувањето за македонскиот народ е од посебно значење. Во нашата традиција постојат голем број и најразлични празници. Тие се слават со голема возбуда и со најразлични обичаи, христијански и пагански.

Православните верници утре го слават празникот Тодорова Сабота – Празник на приврзаноста кон велигденскиот пост.

Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).

Верскиот празник Тодорова сабота, попознат меѓу народот како Тодорица, започнува да се слави уште вечерта пред самиот празник, во петок. Овој подвижен (непостојан) празник, кој го менува датумот според Велигден, се паѓа секогаш првата сабота по Прочка, значи на крајот на првата недела од големите Велигденски пости.

Иако се работи за црковен празник, поради што и повеќето од обичаите се изведуваат во црква, многу од нив датираат од многу поодамна. Тоа се пагански обреди поврзани со будењето на природата и доаѓањето на пролетта.

Вечерта спроти празникот младите девојки изведувале повеќе обичаи за да го откријат својот иден сопруг. Така, преку црковниот олтар три пати префрлале крпчиња во кои имале врзано варена пченка и пченица. Овие крпчиња, првиот касај од Тодоровата погача која ја добиле во црква и крајот од појасот со кој бил врзан бардакот со вода, ставен до креветот, ги ставале под перница. Пред да си легнат го изговарале следново: “Кој ми е речен, да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот”. Во Битола, постарите, мажени жени како да биле позаинтересирани од момите па се служеле со еден марифет за да го дознаат идниот маж на своите ќерки. Тие земале три зрна од пченица паднати на црковниот под. Потоа некако успевале да им го украдат на ќерките првиот залак, кој со пченичните зрна го ставале под нивните перници. Следниот ден со нетрпение чекале да го слушнат сонот и да ја “дознаат” судбината на нивната женска челад.

Повеќе обичаи поврзани со утрешниот празник тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top