Дваесет и петгодишниот македонски фудбалски репрезентативец Илија Несторовски успешно настапува веќе трета сезона во хрватскиот шампионат за Интер Запрешиќ. Моментно води на листата на стрелци што беше добра препорака за трансфер во Серија А, во екипата на Палермо.
Во периодот по нова година си актуелен со потпишувањето на четиригодишниот договор со сицилијанскиот клуб Палермо. Сепак, остануваш во Интер Запрешиќ до крајот на годината, со цел да им помогнеш на твоите другари од клубот во целта за што повисок пласман во хрватското првенство.
Несторовски: По заинтересираноста на Палермо за моите услуги мојот клуб Интер Запрешиќ воопшто не правеше проблем за трансферот во клубот од Сицилија, но беше договорено да останам до крајот од сезона со цел да им помогнам на моите соиграчи во остварувањето на предвидените цели. Сезоната е долга и ни претстојат многу тешки натпревари.
Колку може да ти помогне искуството на македонските интернационалци што досега настапувале во Италија? Во Палермо ќе те пречека и твојот другар од репрезентацијата Александар Трајковски. Дали контактираш со него за идните искушенија што те очекуваат?
Несторовски: Со Трајковски, покрај тоа што од следната година ќе бидеме соиграчи, веќе настапуваме и за македонската сениорска репрезентација. Тој е голем пријател и сум во контакт со него. Ќе ми биде од голема помош за приспособување во новата средина во Италија. Мислам дека брзо ќе се вклопам во Палермо и ќе настапуваме заедно од следната сезона.
Шести Македонец во Серија А
По Дарко Панчев, кој направи најголем трансфер од Црвена Звезда во Интер, следува Горан Пандев, кој успеа да ја освои Лигата на шампионите со Интер во 2010 година. Покрај Интер, Пандев настапуваше и за Лацио, Наполи, а сега игра за Џенова. Во Серија А во моментов игра Александар Трајковски за екипата на Палермо, а во минатото дел од една од најдобрите лиги во светот биле и Агим Ибраими, кој играше за Калјари, и Стефан Ристовски, за Парма.
Долго време си интернационалец. Дали Палермо е клубот или, можеби, Серија А е лигата за која си сонувал од мали нозе?
Несторовски: Откако почнав да тренирам фудбал, уште како дете, посакував еден ден во мојот живот да играм во Серија А. Во тој период Серија А беше најсилната лига во светот. Пресреќен сум што ќе го носам дресот на Палермо. Се работи за клуб со голема традиција и е меѓу подобрите спортски колективи во Италија.
Кога сме веќе кај репрезентацијата, би се рекло, конечно, од пред половина година, заигра за А-селекцијата. Во јавноста се очекува токму ти да бидеш еден од предводниците на новиот бран на македонскиот фудбал.
Несторовски: Од неодамна добив можност да настапувам во дресот со националниот грб. Тоа е огромна чест што ми ја дадоа селекторите. Прво ме повика Друловиќ, но и сега, мислам дека ќе добијам шанса и од новиот селектор Игор Ангеловски за да ги покажам своите квалитети за подобар пласман и добри игри на нашата репрезентацијата во циклусот во квалификациите за Светското првенство 2018 година. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на сите што веруваат во мене.
Си играл во повеќе првенства во твојата кариера. Можеш ли да направиш споредба со нацоналните првенства во Чешка, Хрватска и во Македонија?
Несторовски: Досега имав можност, освен во Македонија, да настапувам и за клубови од Чешка и од Хрватска. Според мене, хрватската прва лига е најквалитетна и има многу клубови што вложуваат за да создадат подобар тим. Чешката лига се издвојува по тоа што е подобро организирана и има подобра инфраструктура. Таму секој клуб е подобро организиран и ги има сите услови за одлична работа и тренинг и за натпревари. За жал, Македонија сѐ уште е едно скалило подолу, но желбата што ја имаат клубовите влева надеж за издигнување на повисоко ниво.
Колку македонските клубови може да научат од поискусните балкански, па и европски клубови? Во кој правец треба да се движат размислувањата и реализациите, пред сѐ, на клубовите, па и на репрезентацијата?
Несторовски: Во моментов Вардар и Шкендија се подобро организирани клубови од другите. Ги имаат сите услови за успех како во домашниот шампионат така и во Европа. Почнаа да вложуваат повеќе средства и мислам дека ако и другите екипи го следат тоа, сигурно ќе се подигне квалитетот и на лигата, а, секако, и на македонската репрезентација.
Деби за националниот дрес со Украина
Добрите игри за Интер Запрешиќ беа вистинска препорака да биде повикан за сениорската репрезентацијата на Македонија. На првиот меч Несторовски влезе во второто полувреме и одигра 12 минути во мечот со Украина. По овој натпревар беше дел и од селекцијата на натпреварот против Белорусија, а настапи и на двете пријателски средби во Скопје против Црна Гора и Либан, под палката на новиот селектор Ангеловски.
Кои се очекувањата за новиот циклус на селекцијата во квалификациите за СП 2018 година бидејќи во група сме заедно со светските велесили Италија и Шпанија?
Несторовски: Да бидеме искрени, Македонија е во една тешка група. Сите од репрезентацијата посакуваме прво да бидеме добро подготвени за секој натпревар од квалификациите и да направиме добри резултати. Целта е да освоиме што повеќе бодови и, секако, да напредуваме на ранг-листата на ФИФА бидејќи не го заслужуваме тоа место каде што сме сега.
Разговараше: Бојан Момировски
(Интервјуто со фудбалерот Илија Несторовски е објавено во 184. број на неделникот Република, 11.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст