Дебелината кај децата зазема епидемиски размери, а во Македонија најпогодена е возраста пред пубертетот и за време на пубертетот. Но, една студија покажува дека веќе и во градинките има деца кои имаат зголемена телесна тежина. Посебно зачудувачки е што има и бебиња на доенечка возраст кои имаат зголемена тежина.
-Денес децата не играат, тие немаат време за физичка игра. Многу е важно спортот да биде вклучен и да биде дел од начинот на живот. Детето не е навикнато да спортува, а уште поважно е да спортува заедно со семејството, да се дружат – вели професор д-р Мирјана Кочова, ендокринолог и генетичар на Клиниката за детски болести во Скопје.
Дали децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина? Што покажуваат истражувањата?
КОЧОВА: За жал, да. Овој тренд на дебелеење кај децата, особено кај адолесцентите, во последните години е сè поголем во светски рамки, и лидери се САД и Австралија. Таму речиси половина од младата популација покажува знаци на зголемена тежина и вистинско дебелеење. Има разлика дали детето има малку зголемена тежина или е дебело. Македонија, земјата на овошјето и на зеленчукот, долго време даваше отпор на ова дебелеење. Но, во последните две децении имаме вистинска експлозија и епидемија на дебелеење. Една наша поранешна студија направена преку систематските прегледи во основните училишта во седмо одделение покажа дека 13,5 отсто од децата се дебели. Сега оваа бројка се движи до 20 отсто. Во нашите специјалистички амбуланти речиси третина од прегледите се должат на зголемената телесна тежина. Значи, дебелината расте прогресивно. Во некои земји има стагнација заради преземените програми, но кај нас таа уште е во пораст. Во Македонија најпогодена е возраста пред пубертетот и за време на пубертетот. Но, една студија покажува дека веќе и во градинките имаме деца кои имаат зголемена телесна тежина. Посебно зачудувачки е што има и бебиња на доенечка возраст кои имаат зголемена тежина.
Дали дебелината е наследна или се создава со навиките во исхраната?
КОЧОВА: Дебелината има наследна компонента. Што се наследува? Се наследува типот метаболизам. Но, гените што учествуваат во самата дебелина се многу малку. Но, кога велиме генетска компонента, тогаш станува збор за семејствата кои се дебели. Честопати, кога ќе дојдат на преглед, гледате дека сите во семејството имаат покачена телесна тежина. Општото популационо дебелеење не е генетско, туку зависи од многу други фактори.
Кои се факторите што доведуваат до зголемена телесна тежина?
КОЧОВА: Има повеќе. Прво, цената и достапноста на храната. Храната во светски рамки е многу евтина. Ако немате квалитетна храна, ќе имате калориски густа храна, која е евтина. Тоа се слатки, мрсно, чипсови, смоки, кроасани, тоа е калориски богато и е евтино. Таа храна е достапна речиси за секого. Второ, немање физичка активност. Децата постојано се со таблети, компјутери, малку се движат, не возат велосипед, тротинет, на училиште родителите ги носат со автомобил… Честопати родителите доаѓаат и бараат да ги ослободиме децата од часовите по физичко. Трето, начинот на живеење. Детето ретко седи на маса за да го земе оброкот заедно со семејството. Тогаш се гледа кој што и колку изел, а денес сѐ е тоа на брзање, стоечки, надвор, во сендвичарници. Количината на земена храна не е тривијална работа. Колку повеќе храна земаме, толку повеќе организмот создава потреба да се храни повеќе. Тоа е магичен круг кој подоцна води кон повеќе компликации.

Колку повеќе храна земаме, толку повеќе организмот создава потреба да се храни повеќе. Тоа е магичен круг кој подоцна води кон повеќе компликации, вели проф. Кочова
Има ли вистина во тоа дека родителите не сакаат да признаат дека децата им се дебели?
КОЧОВА: И тоа е еден од факторите. Не дека не сакаат да признаат, туку не сакаат доволно рано да го видат проблемот. Можеби и не го согледуваат заради овој начин на живеење. Тој феномен постои, не само кај нас. Имаше една голема американска студија каде било решено да се повикаат родителите на дебелите деца. Само 30 отсто од повиканите дошле. Во САД дебелото дете веќе се смета за занемарување, односно за запоставување. Кај нас, во амбулантите, кога ќе дојде дете на преглед, честопати се случува кога ќе ги прашаме родителите зошто се дојдени, тие да кажат: Не знам, ме испрати матичниот. А детето има прекумерна тежина. Имаме уште еден елемент во нашата средина, а тоа е феноменот баба. Љубовта се изразува преку храна, децата се наградуваат преку храна. Ретко се случува родителот навреме да дојде и да види што треба да се прави, затоа што соочувањето со дебелината е многу тежок проблем.
Во која фаза може да кажеме дека дебелината кај децата преминува во болест?
КОЧОВА: Имаме табели по кои гледаме колку треба да биде тешко детето. Денес индексот на телесна маса уште се смета како главен параметар. Што е тоа? Тоа значи колку килограми има на еден квадратен метар површина. Кај децата, за секоја возраст има одредена бројка. Значи, точно може да пресметаме колкава е таа телесна маса. Постојат и криви на кои има перцентил колку тежина треба да има детето. Сѐ она што е помеѓу 85 и 95 перцентил, што е горна граница, го сметаме за дете со зголемена тежина. Нормално би било детето да биде до 85. перцентил на таа крива. Сè што е до 95. перцентил значи зголемена тежина, а над тоа е дебелеење. Има и криви за индексот на телесната маса. Но, не е важен само тој дел. Имаме деца кои се многу дебели, кои имаат висок индекс на телесна маса, а сепак, велиме ова дебелеење не е многу ризично. Има деца кои немаат толкав индекс на телесна маса, но велиме дека е ризично дебелеење. Зошто? Затоа што типот на дебелеење е многу битен, односно колкав е обемот на струкот. Обемот на половината е многу битен. Абдоменалното дебелеење е она што загрижува. Се јавуваат и други знаци, грпка, односно масно перниче на грбот, кое ни говори дека се работи за лош тип дебелеење. Се јавува и потемнување под пазувите, на вратот, кое ни говори дека кај детето има зголемен инсулин. Преку кожата го гледаме метаболичкиот параметар. Кога детето има вишок телесна тежина, масното ткиво бара многу инсулин за да функционира, го дразни панкреасот и го троши инсулинот. Тука настапуваат ризиците на дебелеење.
Дали покачената тежина го зголемува ризикот од појава на болести?
КОЧОВА: Апсолутно. Прв ризик е зголемување на инсулинот. Инсулинот како хормон е анаболички хормон, трупа масно ткиво. Дебелите деца ризикуваат да заболат од дијабетес тип 2. За жал, веќе имаме неколку деца, не се многу, кои имаат дијабетс тип 2 заради дебелеење на 12-13 години. Значи говориме за дијабетес кој го имаат возрасни. Покажано е дека 30 отсто од децата што имаат покачена тежина имаат проблеми со високиот крвен притисок. Потоа имаат нарушен липиден статус, имаат високи триглицериди во крвта, што е вовед во артериосклероза. Тоа не е толку битно, колку што е важно замастувањето на црниот дроб. Тој понатаму води во цироза. Имаме ортопедски проблем, се сплеснува колкот, се јавуваат проблеми во сонот, се јавува ноќна апнеа. Колку е поголемо дебелеењето, толку се поголеми и акутните ризици. Има и хронични ризици, ако го оставиме дебело детето, како возрасен ќе има кардиоваскуларни проблеми. Никако не смее да се заборави и емотивната компонента.
Што може да направиме за превенција на дебелината кај децата?
КОЧОВА: Има нутриционисти кои ќе ги стават овие деца на салата, тие ќе ослабат и после ја зголемуваат тежината многу повеќе. Имаме препораки по кои се однесуваме. Ако детето има помалку од седум години, не смееме да даваме рестриктивни мерки, затоа што детето покрај губењето на тежината, ќе го забави растот. Ако е детето поголемо, даваме режим на исхрана без големи рестрикции, односно ја заменуваме со помалку калориска храна и тогаш е дозволено да губи најмногу до еден килограм месечно. Многу поважна е превенцијата. Има напори да се промовира здравата храна, физичката активност и се забележува интерес во нашите амбуланти за тоа што точно треба да се јаде. Многу е важно децата од рана возраст да бидат упатени во тоа што е здрава храна.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст