| четврток, 6 декември 2018 |

Mакедонскиот амбасадор во Атина: Нашиот идентитет е во срцевината на нашата позиција за која постои целосен национален консензус во Македонија

Македонскиот амбасадор во Атина, Дарко Ангелов, даде интервју за информативниот грчки портал „Њузбист“ во кое говори за емиграциската криза, соработката меѓу Грција и Македонија и прашањето за името.

amb

Спорд Ангелов, улогата на организирани и спорадични криминални банди и поединци во олеснување и поттикнување на нелегалнитот емиграциски тек е неоспорен факт и клучен фактор во кризата.

– Ова е една од главните причини зошто сите засегнати земји, особено ние, кои сме, така да се каже, во „првите борбени редови“, треба да се координираме и да соработуваме на безбедносните аспекти од кризата. Се разбира, изјавите на претставниците на некои земји што се залагаат за отворање на границите на сите можни емигранти не помага во решавањето на оваа невидена криза – вели амбасадорот.

Тој информира дека македонските власти внимателно ја следат целата ситуација, а особено во нашето непосредно соседството.

– Сè додека импровизираниот камп во Идомени сè уште е таму, останува опасноста од уште едно стампедо како тоа на 14 март. Затоа сме загрижени поради постојаното трупање бегалци и емигранти веднаш до нашата граница и ѝ предложивме на грчката страна да не дозволи поставување нови шатори на граничната линија, сега кога ЕУ донесе одлука за затворање на таканаречената балканска емиграциска маршрута. Тоа што кампот во Идомени сè уште постои не е само очигледно нехумано, туку исто така, испраќа погрешна порака до сите нови потенцијални мигранти дека со вршење притисок можат да продолжат да ја поминуваат границата илегално, со што уште повеќе ќе дојдат во Грција и ќе имаме нови кризни ситуации со кои ќе треба да се справуваме – нагласува Ангелов.

Во секој случај, додава тој, Македонија од самиот почеток ја има ситуацијата целосно под контрола, и кој и да влезе илегално, ќе биде испратен назад од каде што дошол, односно во Грција, со избегнување употреба на какви било средства за присилба да го стори тоа.

– Мојата земја се соочува со невидена ситуација, не само во обем, туку, исто така, законски и практично: примаме масивен, во суштина нелегален проток на државјани на трети земји, кои доаѓаат од територијата на ЕУ (Грција), кои тргнале кон други земји-членки на Унијата, преку наша територија. И ние немаме пристап ниту до механизмите на ЕУ за споделување податоци за имиграцијата, ниту до стандардните финансиски инструменти на ЕУ за надоместување на таква криза, како и до заедничките безбедносни (Фронтекс) – подвлекува Ангелов.

Според него, што поширок и посеопфатен одговор на кризата, тоа подобро и во тамките на ЕУ. Тој потсетува дека во заклучоците од самитот на ЕУ и Турција на 7 март, конечно се поставија темелите за таквиот пристап, кој не само што ја има ЕУ во првите редови на решението, туку исто така, вклучува и други клучни држави од кризата, односно Турција.

– Но, ајде да почекаме и да го видиме следниот, се надевам дефинитивен договор на 17 март и негова имплементација – вели Ангелов.

Тој нагласува дека во последните три до четири месеци македонско-грчката соработка на оперативно ниво е подобрена, со состаноците кои се одржаа меѓу претставници на министерствата за внатрешни работи на двете земји.

– Од самиот почеток на кризата, пред околу една година, пристапот на мојата земја е да бара оперативна, но и политичка координација со Атина. Досега имаме одреден напредок во првиот аспект – вели Ангелов .

Нагласувајќи дека Република Македонија никогаш не ја затвори границата, амбасадорот објаснува дека од неодамна, постојат одредени ограничувања за премин на државјани на трети земји преку грчко-македонската граница, кои се резултат на ограничувања наметнати од страна на некои земји посеверно на мигрантската рута, кои се крајната дестинација на оние кои бараат азил.

– Значи, ние никогаш не делуваме на унилатерален начин и реагираме само на одлуките на другите, кои ако не одговориме соодветно, претставуваат ризик, да не претворас нас, една мала земја со два милиони жители, со ограничени ресурси и која не е членка на ЕУ, во масовен бегалски камп – вели Ангелов и потсети на 1999 година кога во нашата земја згрижи речиси 400.000 бегалци од Косово, за што доби мала компензација и благодарност.

– Значи, во врска со моменталната ситуација, ние ќе продолжиме да обезбедуваме безбеден, брз, и хуман премин за сите кои бараат азил во земјите на ЕУ, се разбира, се додека тие се добредојдени во тие земји – рече македонскиот амбасадор.

Коментирајќи го прашањето дали пристапот на Македонија кон миграциската криза ќе има негативно влијание на нашето членство во ЕУ, тој нагласи дека Македонија постојано добива силна, позитивна оценка од Брисел за начинот на кој се справуваме со кризата, со оглед на тоа што вршиме многу ревносна регистрација на мигрантите и бегалците.

– Без оглед на миграциската криза, нашиот пристап кон ЕУ и онака е блокиран, и вие многу добро знаете зошто и од која земја – истакна Ангелов.

На новинарско прашање дали блиските билатерални односи со соседните земји, кои се развиле поради миграциската криза, можат да бидат во корист на македонската страна во спорот за името, Ангелов нагласува дека речиси сите земји-членки на ЕУ (и членки на НАТО) со исклучок на една или две, одамна ја искажаа својата силна поддршка за нашите безусловни евро-атлантски интеграции.

– Истото важи и за земјите од нашиот регион. Што се однесува до прашањето за името, повеќе од три четвртини од земјите-членки на Обединетите нации веќе официјално не признаа под уставното име, Република Македонија, така што ние имаме поддршка од големо мнозинство земји и миграциската криза не игра посебна улога во нашиоте сегашен пристап кон прашањето за името – истакна амбасадорот.

Во врска со тоа дали ќе биде полесно да се реши прашањето за името со Владата на Сириза и Независни Грци, македонскиот амбасадор рече дека добро е што во текот на минатата година, во споредба со претходните неколку, постои поинтензивна интеракција и дипломатска комуникација.

– Овој пат Атина ја прифати нашата одамна предложена листа на мерки за практична соработка, која грчкото МНР, само ја именува како „Мерки за градење доверба“. Сега, не само што треба да се одржи динамиката, туку треба да стане видлива, да има резултати – рече Ангелов и додаде дека после овој процес, се разбира, крајниот резултат ќе биде надминување на разликата околу името.

Говорејќи за македонските „црвени линии“, како што ги нарекува новинарот, околу спорот со името, македонскиот амбасадор вели дека нашиот идентитет и формите на неговото изразување се аспекти на разликите околу името со Грција, кои се во срцевината на нашата позиција за која постои целосен национален консензус во Македонија.

– Ние исто така веруваме дека не-ексклузивност околу употребата на името Македонија од страна на двете земји е разумен пристап кон решавањето на овој апсурден спор, кој ги гуши перспективите на мојата земја веќе 25 години – истакнува на крајот македонскиот амбасадор во Атина, Дарко Ангелов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top