Eкс директорот на Македонска опера и балет Кире Павлов, Новко Маџовски (27) и Наил Авдуљи (28) заработија кривични пријави поради изнудување пари. Според МВР, Павлов, Маџовски и Авдуљи во текот на април годинава телефонски и при лични средби во Скопје, со континуирано упатување на сериозни закани дека ќе го убијат, го присилиле З.М. од Скопје да им даде 10.000 евра.
-На кривични дело претходел континуиран психички притисок врз оштетениот, кој го вршеле тројцата пријавени во текот намесецов како при лични контакти така и со телефонски јавувања и пораки. К.П., сметал дека оштетениот како сопственик на фирма, го оштетил со 15.000 евра бидејќи навреме не конкурирал на тендер за реновирање на затворот во Куманово. За да си го наплати наводниот долг, ги ангажирал Н.М., кој е регистриран сторител на деликти проследени со насилство и кој работи како обезбедувач во казино и Н.А. исто така регистриран сторител на кривични дела, стои во соопштението на полицијата.
На 9 овој месец Павлов телефонски му се јавил на оштетениот, барајќи од него да му исплати 15.000 евра за наводната штета која ја претрпел, а потоа заедно со другите двајца, отишле во фирмата на оштетениот, каде му се заканувале по неговиот живот и животот на неговото семејтво. Три дена подоцна, Авдуљи во утринските часови му пратил СМС порака на оштетениот, дека парите треба да ги исплати до 15 часот, а за кратко време Павлов телефонски му се јавил и му се заканил дека ако не ги донесе парите и ако се крие, да оди да си купи мртовечки сандак.
Оштетениот, исплашен за сопствениот живот, како и за животот на неговото семејство на 12. април во службените простории на СВР Скопје, ги пријавил Павлов и за него дотогаш, двете непознати лица. Од МВР информираат дека по примањето на пријавата превземени се интензивни мерки и активности, при што е утврден идентитетот и на дргите две лица, а од оштетениот со потврда се земени 10.000 евра, кои се крим-технички обработени и фотодокументирани и повторно вратени.
-На 16 и 17. минатата недела, Н.А. континурирано телефонски му се заканувал на оштетениот, по што на 18-ти, во утринските часови, заедно со Н.М. заминале на ул. „Благоја Стефковска“, каде е седиштето на фирмата на оштетениот и каде камерите за видео надзор го регистрирале нивното доаѓање. Налутени што не го нашле, телефонски му се заканиле со ликвидирање ако наредниот ден не ги донесе парите и се крие. Наредниот ден околу 14,30часот, пријавените повторно дошле пред фирмата, при што внатре влегле К.П. и Н.А., а Н.М. го „обезбедувал“ местото во непосредна близина. Внатре во канцеларијата тие изнудиле 10.000 евра, а извршувањето на кривичното дело е регистрирано на камерите за видео надзор, по што тројцата пријавени се приведени од полициски службеници на Единицата за насилен криминал во СВР Скопје, стои во соопштението на МВР.
При извршениот претрес на приведените, од Павлов се одземени 10.000 евра и мобилен телефон, додека од Авдуљи и Маџовски се одземени два мобилни телефони. Предметниот материјал е предаден во СКТ –МВР на РМ за вештачење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.