Во време на електронски резервации и дигитални фотографии, пасошот можеби е ултимативен патнички тотем, портал кон другите места и записник што сведочи за минатите патувања…
За патник на кого само еден пасош „му тежи“ 331 страници, некој би кажал дека 1 јануари 2016 година беше навистина тажен ден. Според законот што тогаш беше донесен во САД, забрането е додавање дополнителни страници во пасош. Оваа патничка исправа сега смее да соддржи само меѓу 28 и 52 страници.
Но, Ерик Оборски не е тажен – неодамна е прогласен за сопственик на најголемиот пасош во светот.
– Кога бев прогласен за нов рекордер, сфатив дека мојот пасош е од историско значење бидејќи се сомневам дека некој некогаш ќе има сличен пасош. Мислам дека тоа никогаш веќе нема да се случи, никогаш никој нема да може да го постигне истото или да ме престигне, изјави Оборски за smithsonian.com.
Неговите пасоши имаат вкупно 1.400 страници. Се почнало кога по завршувањето на средното училиште, во далечната 1965 година, Оборски отпатувал за Јапонија, од која во САД се вратил преку Филипини, Хонг Конг, Русија, Полска и Европа. Вљубен во патувањата Оборски се вработил како преведувач и почнал кариера на патнички агент кој водел тури низ Азија. Следеле неограничени летови во рамки на компанијата „Јапан Ерлајнс“, а со нив и сосема нов поглед на патувањата.
-Ќе отпатував за Токио, ќе вечерав и ќе се вратев назад. Ќе отпатував во Хонг Конг и бесплатно ќе отседнев во речиси секој хотел бидејки се занимавав со единствено занимање. Наутро ќе се пробудев и во себе ќе си кажев – ’мислам дека сега сакам да отпатувам во Јапонија’, откри Оборски.
Во тоа време, американските граѓани имале можност да одат во амбасада и да побараат во пасошот да им се додадат нови страници. Истото го сторил и Оборски – неговиот пасош наскоро бил полн со визи. Според него, и покрај тоа што пасошите постојано се шириле, никој никогаш не ја довел во прашање нивната автентичност.
-Никогаш не сум имал никакви проблеми никаде во светот, рече тој.
Оборски тврди дека толкуте страници не ги додавал за да се фали – оваа пракса едноставно била дел од неговата работа. Бесплатните патувања биле укинати кога авио-компаниите во 1981 година увеле бонус програми. Но,Оборски тогаш веќе бил навикнат константно да патува. Овој авантурист до сега минал повеќе од 24 милиони километри.
– На сите им препорачувам да патуваат. Најдобриот начин да учите за светот е да го искусите од прва рака, заклучи Оборски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.