Човечката беда со која се соочуваат бегалците во кампот Идомени достигна невиден врв, изјави портпаролот на УНХЦР Бабар Балоч.
Во преполниот камп и околу него се заглавени повеќе од 14.000 луѓе, чии основни услови за живот се полоши од ден на ден, додека чекаат Европа да ги отвори границите за да го продолжат својот пат, јави дописникот на МИА од Атина.
-Во Европа гледаме човечка беда во својот врв. Овие услови тука, во Идомени едноставно се невозможни за живот – изјави Балоч за време на посетата на Идомени, додавајќи дека секој ден врне дожд сѐ повеќе и дека луѓето страдаат.
Грчките власти велат дека во кампот има околу 12.000 луѓе. Невладините организации соопштуваат дека околу кампот има уште најмалку 2.000 луѓе. Условите се екстремно нехигиенски, тоалетите се прелеваат, а десетици деца се хоспитализирани поради тешкотии со дишењето и разни вируси. Едно деветгодишно девојче со хепатитис А е хоспитализирано во близина на Солун, каде што центарот за превенција на болести КЕЕЛПНО објави дека нејзината состојба е стабилна.
Грчката Влада изминатиов викенд уште еднаш повтори дека ќе се соочи со кризата во Идомени во рок од една недела, и дека ќе ги премести бегалците во други прифатни центри. Но, УНХЦР истакна дека ситуацијата бара итно решавање.
-Ние како УНХЦР се надеваме дека грчките власти брзо ќе дејствуваат, затоа што останување овде дури и една минута подолго не е опција- рече Балоч.
-Луѓето не можат да се држат овде долго, во овие нехумани услови. Треба да им се понуди начин за излез од тука и тие се очајни. Гледаш деца што се тресат, одат боси по овој пат, во оваа мизерија. Тоа едноставно е незамисливо- нагласи Балоч.
Група од околу 200 Сиријци и Ирачани, во која имаше и многу деца, вчера протестираа во Идомени, барајќи границата повторно да се отвори. И покрај мизерните услови, бегалците ги одржува само надежта дека на самитот на ЕУ в четврток ќе се донесат одлуки со кои ќе им се помогне на нивните маки и границите повторно ќе бидат отворени, коментираат грчките медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.