| четврток, 6 декември 2018 |

Ристовски најави нова спортска сала во Гостивар

Тој посочи дека во изминатите неколку години само преку Министерството за образование и наука во оваа општина се инвестирани повеќе од 150 милиони денари во изградба на една нова училишна спортска сала, во изградба на две нови училишни објекти, како и во реконструкција на 20 други објекти.

Ристовски нагласи дека во тек е реконструкција на санитариите во средното економско училиште, за што се предвидени 3,5 милиони денари, како и инвестиции во дел од основните училишта, најавувајќи изградба на уште една нова училишна спортска сала.

– Покрај проектите кои што се во тек, во интензивна комуникација сме со општина Гостивар околу подготвувањето на документацијата за изградба на нова спортска сала во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ – изјави Ристовски.

Планирано е овој спортски објект да се гради во рамките на проектот на Владата за изградба на 145 училишни спортски сали, преку кој досега 52 се завршени, за што се инвестирани околу 25 милиони евра. Неговата изградба се очекува да почне до крајот на годинава.

Заменик-министерот Ристовски вчера оствари средби со граѓаните на Гостивар и околните места Здуње, Зубовце, Галате, Циглана и Вруток.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top