Балканската емигрантска маршрута веќе не постои, објави утринава премиерот на Словенија, Миро Церар, по маратонскиот состанок на лидерите на земјите-членки на Европската унија со Турција посветен на бегалската криза што се одржа во Брисел.
И покрај тоа што во завршниот документ од средбата не се најде претходно подготвениот заклучок дека „се затвора западнобалканската мигрантска рута“, туку само дека е „завршен протокот на бегалци“, сепак словенечкиот премиер потврди дека од денеска сите земји на оваа рута, вклучително и Македонија, на официјалните гранични премини треба да пуштаат само лица со валидни документи за влез.
– Да, заклучокот е малку преформулиран, но смислата останува, а тоа е дека балканската маршрута за илегална емиграција веќе не постои. Тоа е јасна порака што овој неформален самит ја испрати до илегалните емигранти и шверцерите – нагласи Церар.
Според премиерот на Словенија, овој договор кој треба да се прецизира следните десет дена до Самитот на Европскиот совет, сите држави што се на рутата преку која илегално се одвива миграција кон централна Европа, во иднина не треба да примаат емигранти.
Во тој поглед, Церар потврди дека Словенија веќе од денеска во целост ќе ги применува шенгенските правила за влез во државата, односно дека во оваа поранешна југословенска република право на влез ќе имаат само лица со потребни документи за влез во шенгенската зона.
Оваа порака на словенечкиот премиер, значи дека од денеска и Македонија треба во целост да ги затвори илегалните гранични премини на границата со Грција, додека на официјалните премини да дозволи влез само на лица со сите потребни документи – пасош и виза ако е потребна.
Според договорот на ЕУ со Турција, илегалните мигранти што се наоѓаат на грчка територија, вклучително и оние илјадници мигранти на македонската граница, Грците ќе треба да почнат да ги префрлаат назад до грчките острови од каде со помош на НАТО и Фронтекс тие лица ќе се враќаат во Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)
-
Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти