| четврток, 6 декември 2018 |

Лага на британските медиуми за Македонија: Македонската полиција претепала Сириец и му дала урина место вода

laga

Британскиот новинар и дописник од македонската јужна граница Џон Спаркс од британската новинска куќа „Скај њуз“ доживеа невиден дебакл и срам кога го објавил текстот за наводниот ќотек што го добил меигрант, кој се нарекувал Мустафа од Сирија, од македонската полиција. Kритики и остри зборови на осуда упатуваат читателите на интерне-страницата на „Скај њуз“, но и волонтерите од невладините организации, кои секојдневно 24 часа помагаат на граничниот премин на македонско-грчката граница.

Според прилогот на Спаркс за „Скај њуз“, со наслов „Бегалец тепан од македонските граничари“, емигрантот Мустафа едвај можел да се движи од повредите што го добил. Во текстот се тврди дека сирискиот барател на право на азил од Дамаск се наоѓал затворен во едно одделение во болница во северна Грција. Авторот во текстот вели дека Мустафа имал голема јака за имобилизација на вратот, постојат сомненија дека има и фрактура, а неговиот грб бил полн со модринки во светловиолетова боја. Според „Скај њуз“, емигрантот Мустафа изјавил дека македонските полицајци и војници се одговорни за тепањето.

Имено, според приказната што ја пренесува овој медиум, Мустафа изјавил дека лицето што е одговорно за новоизградената поставена ограда по должината на грчката граница му се обратил и го прашал емигрантот Мустафа дали е жеден? Тој одговорил потврдно, по што бил внесен во некоја кабина за претрес на македонска територија, бил соблечен гол и тогаш, наводно, добил ќотек и закани од полицијата дека, место вода, ќе му дадат да пие од нивната урина.

Мустафа за „Скај њуз“ додава дека не викал кога го тепале оти се сомневал дека ако вика, ќе добие уште повеќе ќотек. Kако причина за ваквото однесување на македонската полиција, Мустафа на новинарот Спаркс му посочил дека, најверојатно, се наведува реванш оти тој неодамна со група други емигранти бил насилен на протестите одржани во бегалскиот камп на грчката страна на границата кога со сила, камења и со тврди предмети ја нападнале македонската полиција.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека станува збор за паушални обвинувања и дека енергично ги отфрлаат невистините наведени во новинарскиот текст за наводното тепање емигрант.

– Енергично ги демантираме ваквите невистини. Македонските полициски службеници од почетокот на емигрантската криза, па сè до денеска се на ниво на задачата и професионално ги извршуваат сите активности како од безбедносен така и од хуманитарен аспект. Ако некој има доказ за несоодветно дејствување на припадник на македонската полиција, молам да биде доставено, ние соодветно ќе постапиме. Припадниците на МВР на највисоко професионално ниво ги извршуваат задачите и енергично ги отфрламе обвинувањата во некоимедиуми. Имено, заедно со нашите полициски сили, на граничниот премин кон јужниот сосед, 24 часа на терен има и полиција од неколку странски земји. Пропуштањето и проверката на мигрантите ја вршат заеднички, македонски и полиција од Чешка, Србија, Словачка, Унгарија, Хрватска. Затоа наводите дека македонска полиција самоволно повикувала, внела во кабина и претепала мигрант се невистинити и невозможни – велат од МВР.

Реакции по повод текстот на дописникот Спаркс имаат и волонтерите од домашни и странски невладини организации кои секојдневно од почетокот на мигрантската криза помагаат на границата.

– Текстот за претепаниот емигрант е смешен и невистинит. Секој ден сум на граница, со мене има десетици други луѓе, новинари, кои буквално стоиме до македонската полиција и им помагаме на емигрантите. Во четвртокот, кога наводно емигрантот бил претепан, јас бев таму. Никакво насилство не се случи, вриеше од медиуми, странска полиција, хуманитарци. Македонската полиција професионално си ја врши работа и, искрено, тешко ми паѓаат овие обвинувања оти македонската полиција и кога е принудена да врати емигрант оти нема документи, бара од нас хуманитарците да му дадеме храна или да повикаме лекар ако е потребно, па да го вратат во Грција. Ова навистина е срамно известување – вели Ленче Здравкин, хуманитарката од Велес, за која дозна целиот свет дека несебично им помага на емигрантите од првиот ден од емигрантската криза.

Повеќе во Дневник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top