Американскиот потпретседател Џозеф Бајден изјави во понеделникот дека треба „да се здроби срцето“ на екстремната сунитска група Исламска држава во Ирак и во Сирија за „нејзиниот отров“ повеќе да не труе по Блискиот исток и остатокот од светот, пишува „Макфаст“.
„Мораме да го здробиме срцето на Даеш (арапски акроним за Исламската држава – з.р.) во Ирак и во Сирија, за нејзиниот отров да не се растура повеќе во таа област и во остатокот од светот. Таа борба ќе потрае, но одлучни сме да продолжиме сé додека не го искорениме тоа зло и ќе го искорениме“, изјави американскиот потпретседател Џо Бајден пред стотиците американски и сојузнички војници во базата ал-Дафра во близина на Абу Даби.
Претходно во разговор за дневниот весник The National, Бајден ја исклучи можноста од воено решение на сирискиот конфликт, велејќи дека треба да се работи на политичко решавање, „колку тоа и да биде тешко“.
Изјавите на потпретседателот на САД беа дадени во периодот кога се очекува да биде најавен датумот на продолжување на индиректни меѓусириски мировни преговори во швајцарска Женева, меѓу претставниците на владата на алавитот (шиит) претседател Башар ал-Асад и сунитската вооружена опозиција.
„На сиот свет мора да му биде јасно: колку тоа и да е тешко, мораме и натаму да бараме политичко решение“, изјави Бајден, кој ноќта кон понеделникот допатува во Абу Даби, првата станица од неговата турнеја во текот на која ќе ги посети и Израел и палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан).
Американските сојузници во регионот, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, порачаа дека се подготвени да испратат копнени сили во Сирија „под американска команда“ наводно поради борба со Исламската држава. Воедно, Ријад кој ги подджрува вехабистичките сунитски сили повторно истакнува дека сирискиот претседател Асад „мора да замине или со преговори или со сила“. Меѓутоа, Асад, неговите поддржувачи Русија и шиитски Иран, а се чини дека во последно време и Западот се помирил со таквата солуција, сметаат дека за неговите политичка иднина мора да решаваат само Сиријците на избори.
Бајден, инаку, на 23-ти јануари во Истанбул ја спомна можноста од „воена копнена операција“ во Сирија, што е желба и на неговите тогашни турски домаќини, доколку мировните преговори не успеат, меѓутоа Белата куќа брзо реагираше и појасни дека потпретседателот мислел само на акции кои се водат против Исламската држава во моментов.
Во разговорот за The National натаму Бајден изразува задоволство од тоа што примирјето меѓу владините и бунтовничките сили иако „кревко“, „значително го намалило нивото на насилствата“, како што ден претходно во телефонски разговор констатираа шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров, кои и се сметаат за автори на руско-американскиот договор за прекинот на огнот во Сирија кој стапи на сила на полноќ на 27-ми февруари.
Кога станува збор за шиитски Иран, кого во регионот на Персискиот залив сунитските монархии го доживуваат како голема опасност, Бајден истакна дека ја разбира нивната загриженост и тоа што постојано обвинуваат за наводното „дестабилизирачко дејствување“ на Техеран во арапските земји каде што шиитите се во мнозинство или се значителна и влијателна заедница, како во Ирак, Сирија, Либан и Јемен.
„Потполно сфаќаме какви предизвици Техеран става пред регионот“, вели Бајден истакнувајќи дека ситуацијата би била „многу“ поопасна доколку САД и светските сили минатата година не го потпишаа договорот за ограничување на иранската нуклеарна програма, но со кои на Иран му беа симнати децениските меѓународни санкции и се очекува негова економска експанзија.
На крајот истакна дека на САД им е „јасно со кави тешкотии“ се среќаваат арапските монархии во Заливот кои се загрижени и поради американското повлекување од регионот. „Можам да ви порачам дека САД ќе ги почитуваат своите обврски во регионот“, се обиде да ги смири таквите стравувања Бајден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.