Човекот-мачка или Кетмен е антихерој од познатите „Ди-си комикс“. Ниту многу успешен, ниту многу познат. Овој антихерој во костум на мачка е крадец кој од милијардер и ловец станува арамија. Неговото супероружје се ракавиците со жилети и екстра осетливиот нос. И за својот плашт тврди дека има моќ да лекува смртни рани, но тоа никогаш не е докажано.
Нашиот бриселски мачкар, пак, споделува повеќе особини со Кетмен. Иако, во превод неговото име Питер Ванхауте нема поврзаност со овие животинки, туку според ономастиката значи „камен од високата класа“. Од друга страна и тој ниту е премногу успешен, ниту познат. Кетмен е антихерој, Ванхауте, пак, антипреговарач. Не е милијардер, но заработува по 900 евра од ден за своите услуги. Тоа се цели 27.000 евра месечно. Најверојатно, најголемиот дел од платата Брисел му ја дава за фотомонтажите и за творечкиот немир изразен преку пораките на сликите со неговите омилени мачки. Супероружје или ракавиците со екстра наострени жилети на мачкарот се токму неговите мачки на „Твитер“, а за осетливоста на неговиот нос не сме баш сигурни. Поверојатно е дека не чувстува ништо. И додека плаштот на човекот-мачка има недокажана моќ да исцелува и да уништува отрови, законот на Ванхауте дефинитивно има моќ да уништува медиуми. Како и да е, Кетмен останува речиси непознат лик кој никогаш не го достигна Бетмен или останатите херои на „Ди-си комикс“, а палавиот Питер Ванхауте заглави во Македонија, што доволно зборува за неговата кариера. Не поради прекрасната земја и поради трпеливиот народ, туку токму поради неговите постојани, грди коментари за нив, со што престојот овде за него би требало да биде казна. Поради менталитетските разлики, нели. Наша вина е што велосипедизмот не е доволно развиен, а според други, меѓу главните менталитетски мани била токму сексуалната чедност. Посебно ориентација…
Како и да е, додека го пишуваме ова, мачкарот сигурно нѐ претекнал и за време на печатењето на неделникот смислил нешто ново за своите мачиња на „Твитер“. Безобразно, неумесно и непримерно за преговарач, се подразбира. Најверојатно нешто околу изборите на 5 јуни.
Западњаците со критика, СДСМ со љубов…
Верувале или не, но по половина година небулозни твитови и максимално поткопување на преговорите, се најде и еден западен медиум кој го осуди дилетантизмот на Ванхауте! „Еден посредник на ЕУ ги торпедира своите дипломатски напори со непромислени твитови“, оцени весникот „Ноје цирхер цајтунг“, анализирајќи ја актуелната ситуација во Македонија. Во текстот со наслов „Намуртени мачки ја заоструваат кризата во Скопје“, меѓу другото, се наведува:
„Посредникот на ЕУ во Македонија, Питер Ванхауте, во моментов гледа какви политички последици може да имаат пораките со мачки… Невештите куси вести на Ванхауте само ја изразуваат фрустрацијата на западниот посредник поради недоволниот напредок во решавањето на македонската криза”.
Го дочекавме и тоа, западен медиум, макар меко, да го осуди безумието на антимедијаторот во Македонија. Поголемо чудо би било да го слушнеме тоа од неговите посиноци од СДСМ и од Соросовите медиуми, но тоа, најверојатно, е невозможна мисија од која би се откажал и Том Круз. Тие две групации се најголемите нескриени идолопоклоници на ликот и на делото на Ванхауте. Веројатно, секој ден понизно му нудат по стотина најнови фотографии со слатки маченца, со формат погоден за фотошопот на Белгиецот. Очигледно, кога е во прашање СДСМ – не е „лесно“ да очекувате меѓународната заедница да ви заврши сѐ што самите не знаете и не умеете. И пак да бидете незадоволни од пролонгирањето за еден месец и половина?! За Соросовите медиуми, пак, за маката и за начинот на кој доаѓаат до средствата од истата таа меѓународна заедница, доволно кажува фактот што мораат да се смеат на глупостите на Ванхауте. И сето тоа јавно да го нарекуваат хумор. Другите, пак, започнаа иницијатива – да му се подарат 7.990 денари, донација за бесплатен лет до Брисел. Во еден правец…
Чиј гласник е Ванхауте?
Истиот тој во неколку наврати порача „Не убивајте го гласникот“, притоа алудирајќи дека овде нема ништо лично и дека сето она што го правел во преговорите му било наложено од повисоко ниво. Бриселско, нели. Во меѓувреме, истата таа Европска унија најмалку двапати се откажа од одговорноста и од поврзаноста со неговите ставови и со неговите идиотштини прокламирани со мачињата на „Твитер“. Неофицијално, амбасадорите од земјите на ЕУ во повеќе наврати изразиле негативен став за него и за бизарната игра со пораките. Логичното прашање што се поставува е чиј гласник, тогаш, е белгискиот мачкар? Многумина во неговите бесмислици препознаа класичен и карактеристичен англосаксонски хумор. Од друга страна, Белгија не е англосаксонска држава. Од трета, пак, Ванхауте претходно беше преговарач во Грузија. А знаете кој имаше најголем интерес во оваа држава. Истата таа што имаше и има најголем интерес во Украина. А тоа не е ЕУ, ниту Германија… Во контекст на кажаното е моментот кога мачкарот беше фатен на маса в кафеана со Владимир Милчин, основположникот на Соросовите стотина филијали на ХВО во Македонија, кој и ден-денеска е сивата еминенција во ФИООМ, а каде што едно девојче изигрува дека е главно. Премногу случајности „дури и за оваа земја“, како што рече наводниот медијатор, кои наведуваат поврзаности со еден амбасадор кој исто како него има очила. Но, не вози точак. Го возат. А тој, за жал, ја вози Македонија. Ах, да. И до ден-денешен не се извини што прејудицираше и што изрази жалење за цивилните жртви во „Диво Насеље“. А нив ги немаше…
Се чека на „Анима мунди“?!
Човекот искрено си ги претстави своите менталитетски проблеми, не можејќи да се најде на иста линија со македонскиот народ, кој е европска нација. Дали срцевината на проблемот е што Ванхауте размислува по теркот на еден друг западен континент, па не може да го разбере европскиот? Поверојатно, и во овој случај тој како и целата негова меѓународна заедница имаше една, идентична цел – да ѝ излезе во пресрет на македонската опозиција. А таа е разочарана и со промената на терминот за избори. И зошто опозиција, кога зборуваме единствено за СДСМ? Министри и заменици не станаа други партијци, освен од СДСМ. На преговорите со Ванхауте не доаѓаа Жерновски и Милевски, ниту Трајанов, Поповска, Ибраимовски, Сарач или Величковски. Насилната рехабилитација во низа се однесуваше и се однесува само на една партија. Била и ќе биде СДСМ. А таа, место да прави програма, уште отсега на нероден премиер списоци со министри му крои. Во „Плеј“, се разбира.
Реакција од „невладините“ организации за бисерите на Ванхауте нема, ниту ќе има. Тие, 75 на број, уште отсега си ја удираат главата како ќе се викаат кога СДСМ, некогаш, ќе дојде на власт. Невладини, сигурно не. Само Организации, пак, не оди. Кратенката би била „О“, иако најубаво, тогаш, би им стоела „ВО“ – владини организации.
Сепак, каде и да е, во очекување сме на реакција на барем една невладина организација која нема пристап до Сорос затоа што е аполитична. „Анима мунди“ треба да реагира до Ванхауте поради претераната употреба на мачиња. Оваа негова злоупотреба на милите животинки претставува сериозна опасност голем дел од граѓаните да ги замразат мачињата. Не по вина на прекрасните животинки, туку по вина на Ванхауте. Можеби токму „Анима мунди“ ќе му напише една претставка да престане. Дури не е доцна за мачињата. Меѓу другото, не е вистина дека првите мачиња и кутриња се фрлаат во вода. Тоа се бабини деветини. Тие, напротив, се најцврстите. А меѓународната организација тоа постојано го прави во преговорите. Пу-пу не важи. Сега со нова вистина. Ви наликува ли на дејствувањето на еден македонски политичар, заштитен токму од нив? Меѓународната школа, муртинско одделение…
Станковски: Можеме само да го сожалуваме
Станковски: Што се однесува до ликот и делото на Питер Ванхауте, би го цитирал големиот холандски теозоф од 17 век, Јаков Бене, кој вели: „Надворешниот изглед на човека е одраз на внатрешните сили што го креваат“. Ова во потполност важи за овој карактер, налик на мршојадец, од Фландрија, кој покажа колонијална свест, непочитување, непристојност и грдотија од секаков тип, од кои најекстремна е онаа што се однесува на неговиот карактер и на неговата политичка свест. Имено, според сите интелигентни опсервации и анализи, ние добивме еден, по сѐ изгледа, корумпиран олеснувач, кој наспроти сите принципи на политиката и преговарањето, покажува огромна тенденциозност во однос на СДСМ, а од друга страна едно колосално непознавање на правата и на должностите на медиумите и на медиумските работници и на улогата што тие ја имаат во однос на информирањето, како една од круцијалните дејности во современите, демократски општества. Неговите предлози околу законот за медиумите е повеќе срамен отколку игнорантски, што говори за неговите скриени мотиви, кои се еднострани, нелогични и тотално дискриминаторски.
Па дури и во еднопартискиот систем на СФРЈ не постоеше ваква цензура каква што овој Белгиец со лик на зомби сака да му натури на македонскиот народ со дрскост и со вулгарност, невидени во современата европска политика. Тој стана симбол на една дегенерација на мислата и е апсолутен штетник за авторитетот на ЕУ и на Европејците. Овој чуден политички мршојадец треба итно да биде повлечен од страна на неговите работодавци и на тој начин оваа деструкција од него, која регрутираше огромен број евроскептици во Македонија, да биде колку-толку санирана, зашто Македонците чувствуваат припадност кон Европа. Како древни означувачи и менувачи на овој континент и како неодвоив дел од големата европска култура, без оглед на тоа што супербирократската творба ЕУ покажува непростлива непринципиелност кон македонските граѓани. За овој мал патетичен монструм, конечно, можеме да манифестираме само сожалување. Ние како Македонци му посакуваме добро здравје, со забелешка дека неговата улога во оваа најнова македонска криза беше повеќе од срамна и одвратна.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 182. број на неделникот „Република“, 26.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.