Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, не отпуштал Македонци, туку „биле прекинати договорите на вработени кои биле ангажирани поради политички маркетинг за локалните избори“, тврдат од општината за „Република“.
– Неиздржани се информациите дека на вработени во согласност со закон им се поделени отказни решенија, освен на оние лица што, спротивно на закон и во спротивност со актот за систематизација, биле ангажирани поради политички маркетинг за локалните избори, со договор за вршење наводни итни и неодложни работи и на кои им истекол договорот, по сила на закон им е прекинат договорот – велат во писменото образложение од Општината.
Од Општината негираат дека на нивните места секојдневно се вработуваат Албанци и објаснуваат дека имале законска обврска да преземат 59 вработени во општините кои се припојуваат на Кичево.
– Преземени се 17 вработени во општина Вранешница, сите од етничка македонска заедница, 16 вработени во општина Другово, сите од етничка македонска заедница, 14 од општина Зајас и 12 од општина Осломеј – се вели во соопштението.
Откако вчера Дехари се чудеше за поставените јарболи, денеска од општината со која управува објаснуваат дека тие биле поставени како инцијатива на граѓани, во текот на 2012 година, по повод на 100-годишнината на албанската државност, а со цел изразување на идентитетот и особеностите на етничките заедници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.