На 80-годишна возраст денеска во Скопје почина академик Томе Серафимовски, познат македонски скулптор.
Погребот ќе се изврши во недела на градските гробишта во „Бутел“ во 12 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел од 11 до 12 часот.
Македонската академија на науките и уметностите на 7 март ќе одржи комеморативна седница во 12 часот.
Серафимовски има создадено повеќе од 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и во дрво. Од нив, околу 250 се одделни портрети, повеќе од 170 актови, 100 скици, минијатури, идејни решенија од областа на ситната пластика, 15 скулптури со анимални сцени, 10 торза и релјефи. Реализирал и 40 споменици и спомен-обележја што се наоѓаат на просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот.
Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни колекции, во галерии и во музеи, како и во многу други институции во светот.
Во текот на 60-годишното активно творештво, Серафимовски учествувал на околу 300 групни изложби, а реализирал 40 самостојни изложби во земјата и во странство.
Роден е во гостиварското село Зубовце на 14 јули 1935 година. Основното образование го завршил во Гостивар, а во 1957 година завршува средно уметничко училиште, отсек во Сплит, отсек вајарство во класата на проф. Жељко Радмиловиќ, а соработува со професорите Иван Мирковиќ и Марин Студин. Извесен период работи како сликар сценограф во Народниот театар во Сплит.
Во 1957 година, своето образование го продолжува на Академијата за ликовни уметности во Загреб на која дипломира во 1963 година, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Истата година, тој е соработник во мајсторската работилница на својот професор.
Како стипендист на Владата на Република Франција, реализира повеќегодишен студиски престој во Париз. За тоа време работи како соработник на позната француска скулпторка, Алиција Пеналба.
Во критиката, е ситуиран во традицијата на париската школа останувајќи, притоа, верен на духот на медитеранската традиција. По враќањето од Париз, кон крајот на 1969 година, извесно време работи како сценограф во Телевизија Скопје. Од средината на 1970 година до 1987 година живее и работи во Гостивар и во Охрид, а потоа одново се враќа во Скопје. Активно учествува на многу југословенски и македонски конкурси и создава голем број споменици.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1962 година, а од 1977 до 1978 година е негов претседател. Од 1977 до 1980 година бил член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на ликовните уметници на Југославија.
На 7 октомври 1988 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Од 1992 до 1999 година е секретар на Одделението за уметност и член на Претседателството на МАНУ.
Во 2003 година е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите, а во 2006 година за член на Светската академија за уметност и наука со седиште во Сан Франциско, САД. Во 2010 е избран за член на Креативниот круг „Орфеј“, додека следната година ја добива титулата почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2015 е избран за странски член на Црногорската академија на науките и уметностите.
Во спомен на неговите претци и на неговото родно место, во 2008 година во селото Зубовце е осветена црквата „Св. апостол Тома“ чиј ктитор е токму Серафимовски. Иконостасот во црквата е дело на Серафимовски и е изработен во единствена техника, барелјеф во бронза, што се смета за прв пример во поновата уметност.
За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст