| четврток, 6 декември 2018 |

„Или-или“ го издаде новиот роман на Бернхард Шлинк „Жената на скалите“

На четврти март, од печат излегува преводот на новиот роман на Бернхард Шлинк, „Жената на скалите“ во издание на „Или-или“. Се работи за еден од најчитаните автори кај нас, кого публиката со нетрпение го очекува со секое ново дело. Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова, која досега на македонски јазик ни ги приопшти и другите негови книги „Бегства од љубовта“, „Викенд“, „Летни лаги“ и „Враќање дома“ (со Ива Фиданчева, која го преведе и Гордивата врвка), во издание на издавачката куќа „Или-или“. По повод излегувањето на книгата, читателите во петок и во сабота ќе бидат во можност книгата на Шлинк да ја купат по промотивна цена од 250 денари во книжарницата „Или-или“.

Илустрацијата на корицата е на Марија Смилевска, дизајнот на „Бригада“, a излегувањето на „Жената на скалите“ е дел од проектот „Креативна Европа“ финансиски поддржан од програмата за култура на Европската унија ЕАЦЕА.

Бернхард Шлинк (1944 г. Билефелд, Германија) е правник, професор и еден од најзначајните писатели од поновата германска литература. Тој јаапочнува својата писателска кариера со крими-романи, за кои добива повеќе награди. Во еден од неформалната крими-трилогија, „Гордиевата врвка“, можат да уживаат и македонските читатели. За својот прв роман со некриминална тематика, „Читачот“, кој е преведен на повеќе од 50 јазици, Шлинк ги добива наградите „Ханс Фалада“, италијанската награда за литература Grinzane Cavour, како и наградата на Франција за преводна литература Prix Laure Bataillon. Како круна на успехот, романот стигнува до првото место на листата на најпродавани книги на „Њујорк тајмс“.

Долгоочекуваниот најнов роман „Жената на скалите“ повеќе недели се наоѓаше на првото место на најпродавани книги на списанието „Шпигел“.

„Жената на скалите“ е храбро, силно емоционално дело што кружи околу големите теми: загуба, привид, љубов, отуѓување и смрт. (Њуз)

Прекрасно раскажан роман, без напрегања, роман за правото и моралот, за големите чувства и горчливите разочарувања. (Ди Зидостшвајц)

Типична Шлинкова приказна, напишана во неговата типично едноставна, прекрасна проза. (Аугсбургер алгемајне).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top