| четврток, 6 декември 2018 |

Мартинка долга 17 километри од Гинис пристигна на меѓународна изложба во Скопје (галерија)

Изложбата што беше отворена денес во трговскиот центар „Сити мол“ ќе трае до 9 март, а една од причините да се организира настанот е меѓународната апликација до УНЕСКО да се признае традиционалниот украс, мартинка како нематеријално културно наследство и ја подготвуваат здруженија од Македонија, Бугарија, Романија и Србија
Izlozhba na martinki 1
Мартинка долга 17 километри, која што е запишана во Гинисовата книга на рекорди, денес беше изложена во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, како дел од меѓународната изложба на мартинки што ја организира Центарот за научно истражување на промоција на културата „Хаемус“ од Скопје во соработка со културни институции од Бугарија, Романија и партнери од Србија.
Izlozhba na martinki 2
Изложбата на мартинки ќе трае до 9 март и се организира по повод меѓународната апликација во УНЕСКО за признавање на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство. Оваа апликација во УНЕСКО заеднички ја поднесe Република Македонија, во партнерство со Бугарија, Романија и Молдавија.
Мартинката за Гинис лани на 1 март ја изработија бројни граѓани на плоштадот во бугарскиот град Видин и денес е дел од поставката во Етнографскиот музеј на Видин. Освен мартинката за Гинис, посетителите на изложбата во Скопје ќе можат да видат многу други рачно изработени мартинки и амајлии од Македонија, Бугарија и Романија, како и ракотворци кои ќе ги изработуваат на самото место. Во рамки на изложбата ќе се организираат и базар на ракотворби, видео проекции на документарни филмови, креативни работилници, а ќе може да се видат и панели на неколку јазици на кои се објаснети обичаите поврзани со Денот на Баба Марта во повеќе земји.
Izlozhba na martinki
По завршувањето на настанот во Скопје, патувачката изложба на 11 март ќе се пресели во градот Видин во Бугарија, на 15 март ќе биде отворена во романскиот град Бузау, а потоа  ќе шета низ Балканот по неколку други музеи и институции.
– Мартинките се еден од симболите на културниот идентитет на македонскиот народ во кој ги вградил својата историја, верувања, традиција и култура. Но, истовремено, мартинките се дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа. Токму поради ова и се трудиме да ги зачуваме и да ги негуваме во духот на традицијата, така што се надеваме дека оваа година мартинките ќе станат нематеријално светско културно наследство вклучено на листата на УНЕСКО – вели Василка Димитровска, претседателка на „Хаемус“.
Обичајот за плетење и подарување мартинки е поврзан за првиот ден од месецот март и е карактеристичен за повеќе балкански држави како што се Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија. На овој ден луѓето си подаруваат плетени амајлии од црвен и бел конец кои се носат на раката или закачени на облеката и за кои се верува дека ги штитат оние што ги носат. Мартинките се подаруваат на блиски луѓе и се носат се додека не расцвета првото дрво или додека оној што ги носи не го види првиот штрк или ластовичка. Потоа мартинката се става под бел камен или се закачува на некое дрво пропратена со желба за радост, среќа или љубов.
Проектот за патувачката изложба на мартинки е дел од институционалнoто прекугранично партнерство „Националните идентитети во рамките на обединета Европа“, потпишано од „Хаемус“, регионалната библиотека „Михалаки Георгиев“ од Видин, Бугарија, регионалниот „Музеј Бузау“ од истоимениот романски град и библиотеката „Центар за култура” од Кладово, Србија. Целта на ова партнерство е промоција на мултикултурализмот и на заедничкото културно наследство на Балканот.
 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top