Ќе излезе ли СДСМ со конкретна програма за изборите закажани за 5 јуни годинава или неговиот адут ќе остане специјалната обвинителка Катица Јанева, како и барањата обвинителката да започнува истраги без аргументи? СДСМ периодот е ангажиран со тромозење луѓе, создавање напнати ситуации, неаргументирани обвинувања. Наспроти тоа, велат аналитичарите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ остава впечаток дека е фокусирана кон изборите, односно кон изработка на програма за граѓаните со која ќе излезе во изборната кампања што ќе следува во наредниот период. Велат, во ВМРО-ДПМНЕ владее релаксирана атмосфера.
Извори блиски до опозицискиот СДСМ велат дека претседателот на партијата, Зоран Заев, дал наредба до Јанева во престојниот период до изборите, до 5 јуни, да излезе со што е можно повеќе барања за истраги поврзани со илегално прислушкуваните материјали. Според нив, тоа ќе било и главниот концепт на СДСМ во политичкото дејствување и последниот обид да се направи некакво поместување на огромната разлика во поддршката што постои помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што е потврдено од сите релевантни истражувања на јавното мислење. Заев, коментираат изворите, сметал дека без оглед на тоа дали постојат аргументи и докази, најважно е да се излезе во јавност со обвинувања. Таквите обвинувања кои немаат никаква правна вредност ќе бидат искористени во политичка кампања. Неговата намера било што повеќе луѓе од ВМРО-ДПМНЕ да се вовлечат во политичката кампања која ќе ја предводи специјалното обвинителство, да се лиферуваат имиња, да се оцрнуваат личности, да се трмозат по судови, и јавно да се шиканираат.
Од друга страна, пак, аналитичарите велат дека ВМРО-ДПМНЕ покажува смиреност во овој период. Според нив, владејачката партија остава впечаток дека е фокусирана на изработка и на понуда на изборната програма. Од партијата најавија дека во кампањата за изборите на 5 јуни ќе излезат со најопфатната и најсестрана програма. Од владејачката партија велат дека им е јасно дека сценариото на СДСМ нема да предизвика ништо сериозно. За нив, коментираат тие, најважни се граѓаните и проектите кои ќе се спроведат.
Од друга страна, СДСМ со своето дејствување остава впечаток дека нивната цел е да се дефокусира ВМРО-ДПМНЕ од изборната трка и да се дискредитираат сите можни политички противници на СДСМ и Заев во ВМРО-ДПМНЕ, можни носители на листи, пратеници и членови на раководството на партијата.
Меѓу правниците веќе нашироко се кажуваат вицови за однесувањето и за некомпетентноста на СЈО, како и за тоа дека наредбите за истраги им се толку неосновани што и студент од прва година на Правниот факултет подобро би се снашол.
Дел од аналитичарите се убедени во убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на 5 јуни. Велат, на овие избори според експертската јавност ќе се бира помеѓу деструкцијата и кризата на СДСМ, нивното посегнување по суверенитетот на државата и обид со подмолни игри и интриги да дојдат на власт од една страна и програмата за развој на ВМРО-ДПМНЕ од друга страна. Според нив во владејачката ВМРО-ДПМНЕ ентузијазмот е на високо ниво и машинеријата уфрла полека во петта брзина, пародијата на СЈО никој не ја смета за закана по резултатот, туку фрчат обложувања кој е следен и зошто.
Има уште околу сто дена до изборите, а ВМРО-ДПМНЕ, според сите релевантни анкети, има повеќе од двојна поддршка пред СДСМ.
Резултатите од последната анкета на „Брима галуп“ покажуваат огромна поддршка и повеќе од двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ спрема СДСМ, односно доколку следната недела се одржат нови парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 36,8 проценти, а за СДСМ повеќе од двапати помалку, односно 15,7 проценти.
Овие резултати се кај македонското гласачко тело, но таквата двојна разлика се пресликува и доколку се земе предвид целосната етничка структура на населението во Република Македонија, односно 25,7 проценти за ВМРО-ДПМНЕ према 13,4 проценти за СДСМ.
Речиси петпати повеќе, односно 56,6 проценти од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ би победила доколку се организираат предвремени парламентарни избори на кој би учествувале сите партии, а само 12,4 проценти сметаат дека тоа е СДСМ. Дополнително, примерите од претходните избори покажуваат дека, како ќе минува времето, разликата сигурно ќе се зголемува во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.