| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски за „Би-Би-Си“: Македонија се соочи со насилен обид за упад на стотици мигранти

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во разговор за емисијата „Њузнајт“ на „Би-Би-Си“, изјави дека македонската полиција во понеделникот била соочена со насилен обид на неколку стотици лица да ја преминат границата од страна на Грција, и поради тоа била принудена да реагира, со цел да се спречи илегално и неконтролирано минување на границата. Попоски рече дека не е коректна оценката на новинарот на „Би-Би-Си“ дека македонската полиција употребила солзавец врз деца.

– Имавме обид на околу 400 млади мажи со сила да влезат на македонска територија од Грција. Припадниците на безбедносните сили беа соочени со ситуација во која имавме насилен напад од страна на неколку стотици мажи кои се обидуваат да влезат на одредена територија без да бидат регистрирани или да се упатат кон центрите за регистрација. Тоа не е во согласност со договорот што го постигнавме на европско ниво. Ако ме прашате мене, за Македонија е најлесно едноставно да се тргне настрана и да им дозволи на сите мигранти да ја поминат нашата територија на пад кон Западна Европа. Но, европските држави лобираат токму против ваквото решение, изјави министерот Попоски за Би-Би-Си.

Инцидентот што мигратите го предизвикаа во понеделникот околу пладне беше една од водечките теми во светските медиуми, кои известуваат за собирањето на меѓу пет и седум илјади мигранти на границата кај Гевгелија, која од македонска страна е обезбедена со жичана ограда. Министерот Попоски изјави дека Македонија не сака да троши свои средства за поставување огради кон соседна Грција.

– Се работи само за мал дел од границата, и поставувањето на оградата е со единствена цел да се запре илегалната миграција. Ние ќе бидеме првите што ќе ја размонтираме оградата, бидејќи нашата цел е да станеме дел од Европа, изјави министерот Попоски, додавајќи дека во моментов не постои единствен европски систем за справување со кризата, поради што секоја држава по должината на Балканската рута презема мерки и одговорност за својата територија.

-Доколку не прашате нас, најдоброто решение е Европската Унија да се фокусира на својата надворешна граница, во соработка со Турција, и да обезбеди да имаме 100 процентно регистрирање на легитимните баратели на азил, на кои потоа ќе им се дозволи да поминат преку Македонија, Србија, Хрватска кон Западна Европа, изјави Попоски.

Македонскиот министер го одби барањето на новинарот на Би-би-си да посочи кои се виновниците за кризата, велејќи дека сите земји, и Турција, и Грција и Германија се во незавидна положба, со свои специфични проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top