Филмот базиран на вистинска приказна, во кој се раскажува за групата на новинари кои ги открија систематските злоупотреби на деца од страна на свештеници во католичката црква, „Spotlight“ е филм на годината, одлучи Американската академија за филмски науки и уметности.
Сепак, она што привлече најмногу внимание на синоќешното 88. доделување на наградите „Оскар“, беше тоа што статуетката конечно заврши во рацете на Леонардо ди Каприо, кој е награден за најдобра машка улога во „Повратник“, филм за кој Алехандро Ињариту доби признание за режија.
Главната женска улога очекувано замина во рацете на Бри Ларсон за улогата во филмот „Соба“.
За споредна женска улога признанието и припадна на Алиша Викандер за улогата во „Данската девојка“, а Марк Риланс се закити со признанието за најдобра изведба во споредна машка улога за „Мост на шпиони“.
„Inside out“ е анимиран филм на годината, а „Оскар“ за оригинална песна заслужено доби младиот британски музичар Сем Смит за насловната тема на последниот филм за Џемс Бонд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.