| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски во увид на инфраструктурните проекти во Кратово

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска е во посета на Кратово, изврши увид во градежните работи за изградба на улици во селото Страцин.

133052310

Реконструкцијата на улиците во должина од еден километар се прави со средства во висина од околу седум милиони денари кои Општината ги има обезбедено преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Преку оваа Агенција, како што истакнаа надлежните од Општината, имаат искористено околу 40 милиони денари, средства кои, како што посочија, се доста значајни за малите општини бидејќи со нив се решаваат низа проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Жителите на Страцин побараа решавање на патната инфраструктура и на проблемот со водоснабдувањето. Од страна на Општината е преземена обврска да се изработи проект за пречистителна станица и да се аплицира преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за да добијат средства за тампонирање на пристапните улички. Огласот се очекува да биде објавен во првата половина на март, а градоначалникот вети дека тампонирањето ќе започне и порано.

Груевски во рамки на посетата на Кратово ќе изврши увид и на изградбата на спортската сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Кратово, а планирана е и средба со жителите од овој град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top