Министерството за образование и за наука бара компанија што ќе гради два, од вкупно трите најавени студентски домови, кои е предвидено да се градат годинава.
На Бирото за јавни набавки е објавен повик според кој најповолниот понудувач, ќе треба да изгради нов објект на местото на старите бараки од студентскиот дом „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје, како и објект за потребите на студентите од Државниот универзитет во Тетово, кој досега немаше сместувачки капацитети.
Новиот „Медицинар“ во кругот на универзитетската клиника во Скопје, ќе се гради на површина од 1.200 квадратни метри, ќе има четири ката и спортска сала, а ќе може да смести 350 до 400 студенти. Додека, домот во Тетово согласно проценетата потреба на почеток ќе има околу 350 места, но со можност понатаму да се надгради за дополнителни 150 места.
Инвестицијата за овие два капитални објекти, со кои значително ќе се унапредат условите за сместување, домување и едукација на студентите е проценета на 5 милиони евра. Заинтересираните градежници можат да ги достават своите понуди до 12 април.
За третиот дом, кој исто така, согласно ветувањата на претседателот на владејачката ВМРО – ДПМНЕ, треба да се гради во Скопје, во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, министерствата за транспорт и врски и за образование интензивно работат на подготовка на таканаречен специјален план за локацијата, со кој ќе се допрецизираат детали за веќе избраната градежна парцела. И тој ќе има капацитет меѓу 400 и 500 легла.
-Студентскиот дом кој ќе се гради во Скопје и тоа во близина на спортската сала „Борис Трајковски“ ќе има капацитет за 400-500 студенти- рече Груевски на 20-ти декември минатата година при посетата на „Маедицинар“ и информираше дека доколку има потреба ќе има и повеќе легла.
Во меѓувреме, продолжуваат активностите за подобрување на условите и во постојните студентски домови. Во тек е реконструкција на вториот од вкупно четирите блока на студентскиот Гоце Делчев. Отпочната е постапка за набавка на лифтови во сите домови каде има лифтови и неопходно е да бидат заменети. Наскоро ќе се набави и целосно нов инвентар, маси, столици, кревети, бироа, полици за сите домови, а во 2017 студентите ќе добијат нови перални и сушални.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Марин продолжува со градежни активности кај Мајчин дом, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за мораториум одбиен
-
Облаци прав се креваат од градилиштето во Острово, каде следно ќе се гради?
-
Потресни сведочења од студентскиот дом „Стив Наумов“: Синоќа непознати лица се обиделе да влезат во собите
-
И покрај политичката криза, проектите за младите се реализираат