| четврток, 6 декември 2018 |

Канческа-Милевска на конференција на Советот на министри за култура од ЈИЕ во Истанбул

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска утрово се обрати на втората конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, која се одржува на темата „Засилување на културата за одржлив развој“ во Турција. Како што стои во соопштението од Министерстворо за култура, во своето обраќање министерката потсетила дека Република Македонија во 2014 година ја имаше честа да биде домаќин на првиот состанок на министрите за култура од Југоисточна Европа, на кој  беше промовирана заедничката платформа, која во иднина треба да резултира со проекти кои уште повеќе ќе ја унапредат и ќе ја интензивираат регионална соработка. Исто така, министерката нагласила дека во Република Македонија има големи очекувања од новата платформа и додала дека оваа платформа, несомнено, ќе овозможи ефикасно решавање на сите отворени прашања и унапредување на културното дејствување на нашиот регион.

image-bc776ac10ec253268a2ddf5d464b55f3f446037855d4569a14faed9c2addf08e-V

-Длабоко сум убедена дека преку нашите партнерски односи и искуствата во рамките на досегашните и идните регионални проекти, ќе ги идентификуваме нашите потенцијали и потреби  кои ќе резултираат со рехабилитација, промоција и одржливо управување на нашето заедничко  културно богатство – нагласи министерката за култура во своето обраќање.

На министерската конференција во Истанбул, на која присуствуваат министрите за култура и други високи претставници на земјите од Jугоисточна Европа, Австрија и Италија, како и претставници на Европската Унија, Советот на Европа и Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, денеска се очекува да биде усвоена и заедничка декларација за „Заштита и одржливо управување на културното наследство”, како и да биде поддржана Резолуцијата на ОН 2199, како и предложениот проект на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција кој ќе се поднесе до Европската Унија за финансирање преку ИПА-фондовите и кој се однесува на регионалната борба против  илегалната трговија со културното наследство.

image-ecf291fede0e37864c5cba9055eafa61bae4da721df47965bf8600fd9ce6cb0c-V

Министерката за култура во рамките на престојот во Република Турција денеска ќе оствари билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција, Махир Унал, а ќе го посети и Македонскиот културен центар во Република Турција, кој е сместен во репрезентативен објект лоциран на плоштадот Таксим, во срцето на Истанбул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top