Во салата на новата театарска зграда на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вчеравечер, 23 февруари, беше проектиран играниот филм „Татко“ на Висар Морина, а репризно ќе биде прикажан и вечерва во 20 часот.
Филмот е минатогодишно производство, а е работен како Германско -косовско-македонска копродукција. Преку 10-годишниот Нори, ТАТКО дава специфичен приказ на Косово во деведесеттите години на минатиот век.
Нори претрпува големи загуби и ги поднесува потезите на судбината без за тоа да се жали. Но, по раната смрт на неговата мајка, не сака да прифати да биде напуштен и од неговиот татко Гзим.
Улогите во филмот ги толкуваат: Астрит Кабадаши како таткото и Вал Малоку како синот. Филмот е учесник на неколку фестивали и награден: за најдобар актер на Фестивал во Задар, Хрватска, 2015, награда за најдобра режија на Меѓународен филмски фестивал, Карлови Вари, Чешка, 2015 , награда „New German Cinema Talent“ за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар актер на Филмски фестивал во Минхен, Германија, 2015.
Во сабота и недела пред љубителите на филмот во Велес ќе биде прикажан играниот филм „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски.
Во главните улоги се: Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Милица Стојанова, Адем Карага, Салаетин Билал . Три дена во септември е психолошки трилер во кој се говори за импликаците од семејното и сексуалното насилство. Јана и Марика се запознаваат во воз и бргу се зближуваат. Филмот е учесник на следните фестивали: Фестивалот на европски филм – Синедејс, Македонија, 2015 Филмски фестивал Котбус, Германија, 2015 „World Film Festival“, Монтреал, Канада, 2015, Фестивалот во Чикаго и деновиве е учесник на ФЕСТ во Белград.
Инаку во отсуство на кино кое во Велес не работи 15-тина година, ова е убава можност љубителите на филмот од градот посебно помладите генерации, да гледаат филм на големото платно.
Кино проекциите се овозможени благодарение на дигитален кино проектор што на велешкиот театар пред три години го подарија од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.