| четврток, 6 декември 2018 |

Почнуваат Деновите на светската книжевност во НУБ „Св. Климент Охридски“

Со „Празникот на пролетта во кинеската книжевност“ од денеска, 24 февруари, почнува серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ чија цел е популаризација на книгата.

„Празникот на пролетта во кинеската книжевност“ се организира во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За значењето на овој празник и за антологиските поетски творби инспирирани од него ќе зборува Игор Радев.

Сите љубители на пишаниот збор, пак, кои ќе присуствуваат на настанот, ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од кинеските великани преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Во текот на целата 2016 година во НУБ „Св. Климент Охридски“ континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од македонската тековна и актуелна книжна продукција и од капиталните издавачки проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и придружни манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.

Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори.

Библиотеката ќе биде отворена за македонските автори од сите генерации кои имаат објавено книжевни дела со високи естетски вредности, ќе им овозможи промовирање и остварување непосредни средби со љубителите на нивните книжевни дела и со заинтересираните читатели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top