| четврток, 6 декември 2018 |

Штипскиот театар со „Хотел ни на небо ни на земја“ гостуваше во Велес

Ансамблот на Народниот театар од Штип со претставата „Хотел ни на небо ни на земја“ по текст на Ерик Емануел Шмит во режија на Љупчо Георгиевски, вчеравечер, 21 февруари, гостуваше во велешкиот театар.

Во ова дело се испреплетуваат филозофската рефлексија и чисто човечките реакции – пет лица ја чекаат смртта растргнати помеѓу резигнација, револт, страв и надеж.

Миле Вратеовски, актер и директор на Штипскиот театар, изјави дека пораката на претставата е мошне силна – да не го трошиме животот за глупости туку да се посветиме на тоа што ни е важно.

Посочи дека повеќепати гостувале во стариот објект на театарот во Велес, а ова е вторпат да гостуваат на сцената на новиот театар, за кој рече дека е прекрасен за играње, посебно малата камерна сцена.

– Велешката публика е извонредна и точно знае каде да реагира и да не награди со аплауз, а тоа значи дека е добро театарски подготвена и внимателно ја следи претставата, оцени Вратеовски за МИА.

Покрај него, во претставата настапуваат и Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов Ѓаурски, Виктор Арев, Кристина Атанасова Арсова, Ангелка Нашкова, Марија Минчева и Елена Шорова.

Претставата е на редовниот репертоар на Штипскиот театар, а по Кочани и Велес ќе биде изведена и во Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top