| четврток, 6 декември 2018 |

По барање на Русија: Итна седница на Советот за безбедност на ОН

Советот за безбедност на ОН вечерва ќе одржи седница зад затворени врати, на која ќе биде разгледан сирискиот конфликт, соопштија дипломатски извори.

Седницата е свикана по барање на Русија, која, како што јави ТАСС, е загрижена од плановите на турската Влада за евентуална копнена операција во Сирија.

– Русија планира да му предаде на Советот за безбедност резолуција, во која ќе бара спречување на активностите со кои се поткопува суверенитетот на Сирија, изјави портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Турција предложи заедничка копнена операција во Сирија со своите меѓународни сојузници, тврдејќи дека таква интервенција е единствен начин да запре војната во оваа земја, која трае веќе пет години.

Од друга страна, Русија во Сирија извршува воздушни напади, со цел да го поддржи сирискиот претседател Башар ал Асад, чие заминување од власта го сакаат Турција и нејзините сојузници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top