| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележан меѓународниот ден на социјалната правда и промовиран новиот број на „Лице в лице“

Со панел-дискусија насловена „Социјална правда – СЕГА“ и со промоција на нов број на уличното списание „Лице в лице“, денес беше одбележан Светскиот ден на социјална правда, 20 февруари.

Настанот, кој беше во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, предизвика голем интерес кај јавноста дојдена во ГЕМ клубот во Чаршија, со цел да сподели свои размисли, идеи, искуства, сугестии и верба во поквалитетна иднина и повисока социјална правда.

– Драго ни е што како Фондација дадовме придонес за афирмација на оваа тема. Социјална правда е нешто за кое се зборува многу, ама и малку. Минатата година за прва пат се одбележа Светскиот ден на социјална правда. Годинава се зборува повеќе, и има активности, но, ова треба да биде во континуитет. Мора да се направи социјална стратегија, а ова што го правиме е дел од тие чекори – рече Милан Живковиќ од Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Според Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“, содржината што ја носи активистичкото улично списание има за цел демаргинализација на групи, поединци, идеи… И во целина е за вклучување, а против исклучување.

– Преку „Лице в лице“ сакаме луѓето да се информираат на тема: социјална правда, зошто само тогаш може да се знае како правилно да се дејствува. Пишуваме за работничките права и за можностите како луѓето да бидат продуктивни како поедници, да инвестираат во својот личен развој – изјави Илијевски.

На настанот „Социјална правда – СЕГА“, помеѓу двете панел дискусии на теми: „Концептот на доживотното учење како начин за постигнување социјална правда“ и „Фактори кои влијаат на високата невработеност кај младите“ се случи и промоцијата на новиот број на „Лице в лице“, посветен на тема: социјална правда.

Во оваа прилика беше доделен и ваучер за најдобриот продавач на „Лице в лице“ за 2015-та година, Ерџан Садик, како поддршка од стоматолошката поликлиника „Дента Ес“.

– Овој тим смета дека општествената одговорност треба да е двигател на секој од нас, а нам нè радува таквиот став, и веруваме дека зад него во иднина ќе застанат уште многу други компании и поддржувачи од бизнис секторот – изјави Жармена Божиновска, координаторка на продавачите на „Лице в лице“.

Инаку, зад концептот и дизајнот на насловната страница на новиот број на „Лице в лице“ стои „Холистик комуникации“.

„Лице в лице“ е улично списание кое што го продаваат припадници на маргинализирани групи, при што половина од продажната цена оди директно за продавачот, а втората половина се користи за развој на програми во кои што се вклучени овие лица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top