| четврток, 6 декември 2018 |

Што ќе значи падот на Алепо за Сирија и за светот?

Тоа што ќе следува во наредните недели ќе биде од големо значење за иднината на сирискиот конфликт и за комплексната мрежа на регионалните агенди и ривалства што го опкружуваат

Во текот на изминатата недела, силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад речиси го опколија градот Алепо, некогашниот најнаселен урбан центар во воено разурната земја. Со тоа, тие ефективно ги пресекоа сите витални маршрути од Турција за снабдување на областите од градот што ги држат бунтовниците.

Во понеделникот, сириските владини сили го зазедоа северниот град Кфеен, недалеку од границата со Турција. Офанзивата поттикна стравувања од нов бегалски егзодус, како и вистински ризик дека Алепо, комерцијалниот главен град на Сирија за време на мир, ќе падне во рацете на Асад, што можеби ќе значи и негова најголема победа од почетокот на востанието против неговото владеење во 2011 година.

Напредокот на режимот на Асад беше потпомогнат од војските поддржани од Иран на терен, како и неколкумесечните воздушни бомбардирања од страна на Русија. Другите сили, вклучувајќи ги и САД, гледаа на тоа со одреден степен на беспомошност додека интервенцијата на Москва го смени текот на настаните на сириското бојно поле во корист на режимот. Тоа што ќе следува во наредните недели ќе биде од големо значење за иднината на сирискиот конфликт и за комплексната мрежа на регионалните агенди и ривалства што го опкружуваат.

 

svet180-5

Нова бегалска криза

Некои аналитичари сметаат дека сириската влада побрзо ќе одлучи да ги остави бунтовниците во Алепо да гладуваат отколку да ризикува со долготрајна и со скапа битка во градот. Тоа, како што Лиз Слај објави минатата недела, доведе до нов бран на бегалци, очајни да стигнат до засолниште. Околу 35.000 Сиријци се собраа на граничниот премин со Турција во близина на градот Килис, кој во понеделникот беше затворен по четврти ден по ред.

Турските власти постојано предупредуваат дека се достигнува ниво на преполнетост од бегалци. Анкара вели дека околу 2,2 милиони сириски бегалци се примени и се сместени во Турција од почетокот на конфликтот, по цена од неколку милијарди долари државни пари.

Премиерот Ахмет Давутоглу, чија влада со години бараше соборување на Асад и обезбедуваше поддршка за некои бунтовнички фракции, во понеделникот предупреди дека Алепо, во суштина, е под опсада.

– Ние сме на прагот на нова човечка трагедија – изјави тој за време на состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел, која накратко беше во Анкара за да разговара за подобра соработка меѓу Турција и нејзините европски партнери околу соочувањето со бегалците.

Многу европски лидери, меѓу кои Меркел, се заинтересирани за разредување на напливот на бегалци што одат кон запад и покрај растечкото спротивставување дома и преговараат да ѝ се даде пакет-помош на Турција за да ги заостри своите контроли. За двете страни, напливот на бегалци се покажа како морална и политичка дилема и како влошување на дипломатските тензии.

– Од една страна, велат отворете ги границите, примете ги сите, а од друга страна, велат затворете ја границата, не дозволувајте никој да ја премине – негодуваше турскиот вицепремиер Јалчин Акдоган, осврнувајќи се кон Европската унија.

За сето тоа време, маките на раселените и на угнетените Сиријци сѐ повеќе се зголемува. Стравувањата од турската рестрикција значеа зголемување на бројот на бегалците и мигрантите кои се обидуваат да стигнат во Грција преку море, ризикувајќи ги своите животи. Во јануари, повеќе од 250 мигранти се удавија при патувањето – околу една третина од вкупниот број на сите тие што се удавија во 2015 година.

Ситуацијата е еднакво сериозна за тие што сега бегаат од Алепо и од неговата околина каде што хуманитарни групи се борат да обезбедат соодветна хуманитарна помош.

– Главниот пат од север до градот Алепо е отсечен – во понеделникот ноќта напиша Кристи Делафилд, висок службеник за комуникации од хуманитарната организација „Мрси корпс“, во електронска порака од турскиот град Газиантеп.

– „Мрси корпс“ засега може да продолжи со дистрибуција на храна и со други материјали. Ние не можеме да процениме колку долго ќе траат тие резерви и кога следно ќе можеме да добиеме нова испорака. Има и други патишта кои сѐ уште се отворени, но се непредвидливи и ризични – додаде тој.

 

svet180-2

Политичка катастрофа за Западот

И бавната, брутална мизерија на војната и стабилните придобивки на Асад и на неговите сојузници во последниве месеци ги истакнаа стратешките тешкотии што сирискиот конфликт им ги донесе на западните влади, особено на администрацијата на Обама. Белата куќа вложи голем политички капитал за напредокот на мировните разговори и преговори посредувани од ОН, кои повеќе создадоа омраза отколку оптимизам.

Во меѓувреме, со поддршката од Москва и од Иран, режимот на Асад стабилно ја презема контролата што сириската опозиција и нејзините поддржувачи можеби ја имаа.

– Реалноста на бојното поле ќе ги утврди крајните услови за да се стави крај на граѓанската војна во Сирија наместо политиките на големите сили. Асад и неговите сојузници во Русија и во Иран го усвоија овој основен принцип иако Вашингтон и другите западни престолнини ги ставија своите надежи на Женевските преговори под покровителство на ОН, кои се откажаа само два дена откако започнаа – истакна Институтот за проучување војни во Вашингтон во петокот.

Бројот на критичарите на релативната неактивност на администрацијата на Обама се зголемува, обвинувајќи ја Белата куќа дека не презема решителни мерки за што поскоро да се зајакнат умерените бунтовнички елементи и да се спречат немилосрдните бомбардирачки кампањи на режимот на Асад против сопствениот народ.

– Алепо може да стане сириско Сараево, пишува колумнистот на „Њујорк тајмс“, Роџер Коен, осврнувајќи се кон друго општество што избувна во оргија на секташки судири додека светот гледаше.

– Сирија е срам на администрацијата на Обама, дебакл од толкави димензии што може да ги засени достигнувањата на претседателот дома – заклучува Коен.

Белата куќа и другите гласови во Вашингтон велат дека мисијата на Москва во Сирија може наскоро да се претвори во безизлезна ситуација. Тие, исто така, оправдано тврдеа дека неодамнешната историја на американското претерување и погрешните чекори на Блискиот Исток би требало да бидат поучна приказна за интервенција во Сирија.

Но, Русите се тие што во моментов ја „поставуваат временската прогноза“ и го поддржуваат сирискиот владател за кој претседателот Обама претходно инсистираше дека мора да оди.

– Разбирливо е за САД да се потпираат на политичкиот процес и да ја повикуваат сириската опозиција да се приклучи на дијалогот со добра волја. Но, да се направи тоа додека бунтот се изложува на заедничкиот напад на Асад, Русија и на Иран и без планови е едноставно лошо – пишува Емил Хокајем, експерт за Блискиот Исток од Меѓународниот институт за стратегиски студии.

 

svet180-3

Долготраен политички хаос

Доколку Алепо падне во рацете на режимот, тоа ќе одбележи вистинска пресвртница во конфликтот. Како што Слај објави минатата недела, преземањето на градот од страна на бунтовниците во 2012 година дојде во момент кога многу набљудувачи беа уверени дека падот на Асад е неизбежен. Сега, востанието ќе треба да ѝ пркоси на веројатноста со повеќе фундаменталистички и исламистички фракции.

Покрај тоа, светските сили, а веројатно и режимот на Асад, сѐ уште ќе сакаат да се победи Исламската држава, екстремистичката група што доминираше во глобалните наслови од нејзиното драматично појавување пред две години и што зазеде контролира врз територии во Ирак и во Сирија.

– Тоа не е крај на војната, но може да биде почеток на крајот, каде што најголемите победници ќе бидат Асад, Русија, Хезболах и Иран, изјави за „Блумберг њуз“ Патрик Меган, аналитичар од Фондацијата за одбрана на демократиите. (Хезболах, либанската шиитска милитантна организација со илјадници борци посветени на одбраната на режимот на Асад, е претставник на Иран). Многу од повеќето радикални групи, најверојатно, ќе продолжат да се борат дури иако опозицијата загуби голем дел од својата територија – додава Меган.

Русија и Иран имаат свои придобивки во сето тоа, но и две други истакнати регионални актери почнуваат да се вплеткуваат. Саудиска Арабија, која одигра видлива улога во поддршката на бунтот, минатата недела објави дека ќе ја разгледа можноста за испраќање на копнени сили во Сирија – сценарио што ќе ја сигнализира најголемата ескалација во нејзината регионална борба за власт со Иран досега.

svet180-4

Предлогот беше исмејуван од командантот на Иранската револуционерна гарда за време на викендот.

– Тие тврдат дека ќе испратат војници, но мислам дека нема да се осмелат да го сторат тоа. Тие имаат класична војска, аW историјата ни кажува дека такви војски немаа никакви шанси во борбата против нерегуларни отпорни сили – изјави генерал-мајор Али Џафари за новинарите во Техеран, според полуофицијалната иранска агенција „Фарс њуз“.

Турција, пак, се соочува со повеќе главоболки. Играта на руската моќ во Сирија беше катастрофална за Анкара: воздушната војна на Москва ги уништи сите нејасни турски надежи за воспоставување зона на забранети летови од другата страна на границата со Сирија и ги засили сириските курдски фракции, кои зазедоа поголем дел од територијата на северниот дел на Сирија.

Фактички, остатокот од некогашната сириско-курдска држава е јалова идеја за Турција, која е во средината на обновениот контрабунт против курдските бунтовници во немирниот југоисточен дел на земјата. Можноста за турски упад во земјата е мала, но тоа е ризичен потег што може да го засили веќе смртоносниот пожар.

Од своја страна, Асад ја почнал војната како операција против „терористите“ – иако бројните докази го покажуваат токму спротивното. Со Алепо во своите раце и со постоењето на „умерен бунт“ што повеќе претставува фикција отколку реалност, тој можеби ќе го добие тоа што го сака.

– Асад долго време сакаше натпреварот во Сирија да се гледа како борба меѓу неговиот режим и екстремистите. Тој се доближува до истерување на релативно умерените надвор од бојното поле, исполнувајќи го своето пророштво. Последиците за многу Сиријци, за Турција и за шансите за мир ќе бидат катастрофални – пишува Даниел Сервер од Институтот за Блискиот Исток.

 

Извор: „Вашингтон пост“
Превод: Ана Цветаноска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top