| четврток, 6 декември 2018 |

Сошиена облека од познати марки за 530 милиони долари

Нашите текстилни фабрики произведуваат за познати светски модни брендови, најмногу за германските. Останува тенденција да се работат ситни налози, односно мали серии, кои се покомлицирани и специфични, а ги побаруваат познати фирми. Големите налози сѐ уште се работат во Бангладеш и во Кина. Текстилната индустрија е значајна гранка за економијата на Македонија поради што постои надеж дека сѐ поголем број млади луѓе ќе најдат интерес да работат во оваа креативна дејност и на тој начин да придонесат за нејзиниот позитивен раст и развој

Познати марки облека како „том тејлор“, „ст. оливер“, „есприт“, „томи хилфингер“ и многу други кои ги носат Европејците се парчиња облека кои се шијат ток­му во Македонија. Дури и кога Македонците се помамуваат да купат парчиња облека од некоја позната марка, било во Европа, било во Македонија, не се свесни дека купуваат облека која, условно кажано, е македонска, односно сошиена од рацете на нашите текстилци, кои се вешти во работењето, поради што се и барани од европските модни фирми. Позитивните ветришта ја враќаат текстилната индустрија на старите успешни патеки на работење, иако попатно се соочува со многу проблеми и пречки. Оваа индустрија опстојува благодарение на натпросечните напори на луѓето од нејзиниот врв да го одржат, да го зголемат производството и да добијат што повеќе нарачки. Статистиката покажува дека секоја година расте извозот на облека и на модни додатоци и дека сме на добар пат да се вратиме на златните години на извоз од пред 2009 година.

– Периодот пред 2009 година беше златен период на нашето работење, по што текстилната индустрија регистрираше огромен пад. Сега веќе 25 отсто од тогашниот просек е надоместен, а остануваат уште 15 отсто. Значи, на добар пат сме да ја застанеме оваа гранка на нозе, иако има уште проблеми што треба да ги решиме и да ги надминеме. Сѐ уште е доминантно „лон“ производството, односно шиење за туѓи марки со наша работна сила. Нашите текстилни фабрики произведуваат за познати светски модни брендови, најмногу за германските, но и за други. Останува тенденција да се работат ситни налози, односно мали серии, кои се покомлицирани и специфични, а ги побаруваат познати фирми. Големите налози сѐ уште се работат во Бангладеш и во Кина – вели Ангел Димитров – претседател на Здружението за текстил при Стопанската комора.

Според статистиката, македонските конфекции за дванаесетте месеци од минатата година сошиле облека и модни додатоци за познати светски марки во вредност близу 530 милиони долари. Тоа е зголемување во однос на 2014 година кога се извезени облека и додатоци на облека во вредност од 504 милиони долари.

– Зголемувањето на извозот се должи на зголемувањето на побарувачката на западноевропските фирми, кои се наши налогодавачи, потоа на покачувањето на платите на кинеските конфекции, па она што се шиеше во Kина се враќа во земјава, поради евтината работна рака, а во последно време и многу турски компании се заинтересирани за производство во Македонија – објаснува Димитров.

Според него, главен проблем на нашите текстилци, освен лон производството е и немањето сопствени текстилни марки, нешто што со години не може да се надмине. Тука е и проблемот со недостиг на работа сила.

– Работници за во текстилните фабрики има сѐ помалку, а причината се знае, ниските плати. Платите, пак, не можат да пораснат ако не се зголеми продуктивноста. Таа, пак, не може да се зголеми со лон производство. Што се однесува до креирањето наши сопствени марки, тоа сѐ уште е во зародиш, бидејќи е процес кој е тежок и макотрпен. Прва кочница е што Македонија нема база на индустрија на мет­ража, која се увезува, а второ, на европскиот пазар е многу полесно да се продаде европска марка, отколку македонска – објаснува Димитров.

ekonomija180-2

Според упатените, македонската конфекциска индустрија има потенцијал за уште поголем раст, но со многу вложувања во неа.

– Нарачки има, но пари нема. Она на што укажувавме со години, сега дојде. Не сме подготвени да одговориме на големата побарувачка за производство. Значи, има барање за извршување услуги, но немаме доволно вработени за нивна реализација. Освен недостигот на добар и на квалитетен кадар, немаме модерна технологија за завршување на работата. Имено, секоја година се едуцираат сѐ помалку млади за работа во оваа индустрија, која брои 40.000 вработени. Треба уште многу да се направи за да застане оваа индустрија на здрави нозе, и колку повеќе време поминува, толку повеќе треба да се вложува. Нарачки ќе се направат, но како да се направат работници и како да се автоматизира оваа индустрија? Во моментов, само добро искористени грантови може да направат позитивно раздвижување на текстилната индустрија – смета Маријана Перковска, претседателка на Текстилниот кластер.

Македонските конфекционери во моментот претежно шијат за добро познатите брендови како што се: „клиник“, „том тејлор“, „ст. оливер“, „бети баркли“, „есприт“, „гери вебер“, „мис сикстин“, „ескада“, „хуго бос“ и други, потоа за холандските брендови „мекс“, „томи хилфингер“, англиските „хенри лојд“, „некст“, „аура ешли“, како и за италијанските брендови „гучи“, „макс мара“, „версаче“, „мотиви“ и други. Текстилниот кластер поддржан од Швајцарската агенција за промоција на извозот СИППО прави интензивни активности за навлегување и на нови пазари како што се францускиот и англискиот преку промотивни активности и учество на саеми. Потенцијал постои, но потребна е соодветна поддршка и вложување за да се постигнат конкретни подобрувања.

– Со голем ангажман и со здружени сили помеѓу компаниите, може да се реализираат уште поголеми извозни резултати. Особено што Балканот од ден на ден станува сѐ поатрактивен за европските купувачи, кои се во потрага по квалитетно производство во мали серии и со кратки рокови на испорака, што ќе им овозможи на брендовите постојан наплив на нови артикли во продажните центри. Текстилната индустрија е значајна гранка за економијата на Македонија поради што постои надеж дека сѐ поголем број млади луѓе ќе најдат интерес да работат во оваа креативна дејност и на тој начин ќе придонесат за нејзиниот позитивен раст и развој – објаснуваат текстилците.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 180. број на неделникот „Република“, 12.02.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top