Во текот на шестата недела од годинава (од 8 февруари до 14 февруари) во Република Македонија од 30 извештајни единици пријавени се 4.230 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 204,4 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 35,3 отсто во однос на минатата недела, информираат од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,6 пати споредено со шестата недела од минатата сезона и за 72,7 отсто во однос на типичната сезонска крива за последните пет сезони.
Во шестата недела се пријавени два смртни исходи асоцирани со грип, кај две лица од Битола, на возраст од 68 и 74 години – и двајцата со историја на хронични болести.
И во шестата недела, најголем број и процент од заболените се пријавени во возрасната група од 15 – 64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај најмладите – децата на возраст од 0-4 години, па потоа кај децата/ учениците на возраст од 5-14 години.
Оваа недела, најголем број заболени се пријавени од страна на ЦЈЗ Скопје. Поголем број на случаи се регистрирани и на териториите на центрите за јавно здравје во Струмица (428), Битола (441), Велес (401), Прилеп (382), подрачна единица Кавадарци (343) и Центар за јавно здравје – Охрид (303).
Највисока инциденца и во оваа недела, како и претходните две, е регистрирана во подрачната единица во Свети Николе каде се регистрирани 209 заболени лица, како и во Кавадарци со 343 заболени и Велес со 401 заболено лице.
Вкупниот број пријавени случаи од грип во текот на оваа сезона изнесува 12.237, со инциденца е 591,4/100.000 жители. Во споредба со истиот период минатата година, вкупниот број пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 44,2 отсто, а во однос на моделот за последните пет сезони се регистрира зголемување од 23,1 отсто.
Во текот на шестата недела од годинава, во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје e тестиран еден материјал за присуство на грип, кој е позитивен на инфлуенца A – нетипизиран.
Од почетокот на сезоната 2015/2016, тестирани се вкупно 58 биолошки материјали од здравствените установи – амбулантски и болнички лекувани пациенти (рутински и сентинел надзор), од кои 9 или 15,5 отсто се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A (Х1Н1), 4 се инфлуенца A – нетипизирани и 2 – инфлуенца Б).
Од 42 недела од 2015 година почната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.724 лице и потрошени 88,4 отсто од вкупниот број набавени вакцини за оваа сезона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.