| четврток, 6 декември 2018 |

Вирусот Заев смртоносен за опозицијата

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Првата акција на обвинителството под име „Титаник“ покажа три клучни работи: опозицијата нема намера да го демократизира општеството туку да го окупира; специјалното обвинителство пропушти голема шанса да ја врати довербата во судството и покажа дека настапува како продолжена рака на Заев и неговите странски ментори; професионалните стандарди кај медиумите што милуваат да се нарекуваат независни никогаш не биле на пониско ниво, а опозициските новинари никогаш не се потпирале повеќе на лаги и на манипулации место на факти и на аргументи. Сето ова, пак, води до еден заклучок – вирусот заев што предизвикува комплетна ерозија на моралните и на етичките човечки вредности сериозно е раширен не само кај неговите најблиски партиски соработници, туку и врз специјалната обвинителка и меѓу неговите медиумски труби.

Барајќи го изворот на заразата, не може да не се дојде до чадорот. Очигледно дека Верушевски и сопругата на Чаушот не се единствените што ја добиле пораката на Заев „знаеш кој стои зад нас“, а по начинот на однесување, се чини, многумина, буквално, ја сфатиле и насоката „ако ве фатат во лага, не грижете се, сѐ ќе негираме“. За среќа, ниту народот е толку глупав, ниту тие се толку интелектуално надмоќни за да го понижуваат до таа мера.

За волја на вистината, Заев, навистина, воопшто не се грижи дали ќе биде фатен во лага и колку пати во денот ќе мора се демантира самиот себе. Но за човек со негови можности може да се каже дека е разбирливо, особено ако се има предвид дека за него ова е игра на сѐ или ништо. Нејасно е зошто специјалната обвинителка наседна на лажната сигурност на прокиснатиот чадор и прифати да ја игра улогата на Заев. Јанева, навистина, имаше историска шанса да покаже како непристрасно се спроведува правдата, да придонесе за враќање на довербата во судството, па дури и како што самата рече, правната наука да научи нешто од неа. Од приложеното, и правниците, но и јавноста, главно, се интересира да дознае зошто „Титаник“ исплови од нејзината канцеларија правно неподготвен, а политички обоен? Како делата против изборите добија приоритет пред предметот за прислушувањето каде што требаше да се открие кој стои зад аферата? Кој ќе одговара за незаконското приведување на Едмонд Темелко? На што се должи нејзиниот интерес за предметите против таткото и синот Верушевски и покрај тоа што не се во нејзина надлежност? Ќе треба да даде сериозно правно објаснување како може да бара ослободување од притвор за прислушувачот, а за прислушуваните да бара да завршат зад решетки? Интересно ќе биде да слушнеме и како се најдоа дополнителните 400.000 разговори во кутиите на Заев што ѝ ги предаде како подарок за Нова година? Дедо Мраз задоцни со испораката на вториот дел или еден милион и педесет илјади разговори собра во еден тврд диск? Не помалку важно за јавноста би било да дознае како се подигнува кредит на име на починат сопруг и зошто дава невистинити искази за имотната состојба.
Специјалната имаше шанса да стане адмирал, но ја испушти кога го предаде кормилото на бомбаш-самоубиецот. Сега нема сомнение дека бродот ќе заврши на дното. Прашањето е кој ќе потоне со него, а кој ќе успее да се спаси?

Со потопот на „Титаник“ уште еднаш на површина излезе и вистинското лице на Соросовите медиумски перјаници. Повторно, како во Диво Насеље, опозициските портали беа преплавени со лажни вести и информации, кои без никаков срам продолжија да ги споделуваат дури и откако стана очигледно дека не се точни. „Професионалците“ се претворија во еуфорични мршојадци, кои се натпреваруваа кој побрзо ќе ја засити потребата на нивниот лидер за човечко месо. Без срам, без морал, без одговорност.

Но, во колективното глумење лудило во кое, очигледно, ужива целата спрега, има еден непријатен момент за нив – за вирусот Заев е подготвен смртоносен антивирус, кој се вика народ. Вакцинацијата е задолжителна и нема бегање од тоа.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top