Секоја сабота, зад куќата на Мајка Тереза група волонтери, ентузијасти, филантропи делат бесплатни зготвени оброци за бездомници и за социјално загрозени лица со кои животот не бил милослив. Веселинка Георгиевска е волонтер во „Ретвитни оброк“. Освен храна, тие на бездомниците и на социјално загрозените им делат и убав збор, насмевка, нешто што исто така им е потребно на овие луѓе. Ги знаат нивните судбини, сочувствуваат со нив и се трудат, барем накратко, да им го направат животот подобар.
– Важно е да се спомене дека во целава приказна значаен удел имаат Тони и Весна со својот проект „Вистински дела на љубезност“, кој освен седмичен оброк за бездомници (во соработка со „Ретвитни оброк“) опфаќа и згрижување на луѓето во смисла на облека, сместување, помош околу обезбедување документи, работно ангажирање и слично – вели Георгиевска во интервју за „Република“.
Акцијата „Ретвитни оброк“ трае речиси една година. Кога почнавте лани во март, дали очекувавте дека вака ќе се развива?
ГЕОРГИЕВСКА: Почнавме без големи очекувања, неколкумина спонтано се мобилизиравме по една изјава на „Твитер“, па наместо зготвената храна да ја фотографираме и да ја споделуваме на социјалните мрежи, почнавме да ја споделуваме со оние на кои им е потребна. На почетокот бевме неколкумина на кои ни се допадна идејата, но набрзо иницијативата се рашири, па денес нашата група на „Фејсбук“ брои преку 400 членови.

Почнавме без големи очекувања, неколкумина спонтано се мобилизиравме по една изјава на „Твитер“
Имате ли бројки, колку оброци досега сте поделиле на бездомниците и на сиромашните?
ГЕОРГИЕВСКА: Немаме точна бројка, на почетокот бевме само 6-7 луѓе и успевавме да зготвиме минимум 60-70 оброци колку што имаше и корисници, односно бездомници и социјално загрозени лица. Со текот на времето идејата за акцијата се рашири и им се допадна на многу луѓе кои ни се придружија, па сега без никаков проблем се собираат по 100-150 оброци. Изминатата сабота се случи настанот „Ретвитни оброк“ по 45. пат, па ако претпоставиме дека во просек се спремаат и се споделуваат по 100 оброци, сигурно досега сме обезбедиле преку 4.500 оброци.
Во изминатите 11 месеци сигурно сте слушнале и сте биле сведоци на секакви приказни кои се посебни на свој начин. Дали некоја од нив Ви оставила подлабок впечаток која може да поделите со јавноста?
ГЕОРГИЕВСКА: Секако, личниот контакт е многу важен, многумина ги знаеме по име, самите ни ги раскажуваат животните приказни кои се различни, но подеднакво трогателни. Добриот збор и насмевка, нашето присуство секоја сабота многу повеќе им значат отколку самиот оброк. Не би издвојувала некој посебен случај, некои се поранешни вработени кои по доживеана трагедија останале сами и неспособни за работа, некои се болни или пак се многудетни семејства кои едвај сврзуваат крај со крај. Особено ме разнежни една старица која гледајќи ме во очи ми рече дека има преку 80 години и никогаш не доживеала ваква добрина. Рече дека ѝ значи ова што го правиме за нив и дека е многу благодарна.

Има ли хумани луѓе во државата кои сакаат да помогнат?
ГЕОРГИЕВСКА: Не сме ни први ни последни кои се сетиле дека би било добро вишокот храна наместо да се фрла, да се споделува со оние на кои им е потребна. Ние решивме идејата да ја реализираме, и користејќи ја моќта на социјалните мрежи, стигнавме до тоа да станеме собирен пункт за намирници, храна и облека, точка која ги мобилизира хуманите луѓе на едно место. Освен поединци, наши поддржувачи се и медиумите кои ја пренесоа идејата и надвор од интернетскиот простор, како и многу фирми, здруженија и групи кои помагаат со донирање на производи од нивната производна линија, намирници или помош околу готвењето. Сите тие се дел од „Ретвитни оброк“ и сме им многу благодарни.
Претпоставувам дека додека готвите и се дружите. Освен со храна, имате ли можност и на поинаков начин да им помогнете на овие луѓе, евентуално да им најдете некаков ангажман, работа од неколку часа на ден?
ГЕОРГИЕВСКА: Важно е да се спомене дека во целава приказна значаен удел имаат Тони и Весна со својот проект „Вистински дела на љубезност“, кој освен седмичен оброк за бездомници (во соработка со „Ретвитни оброк“) опфаќа и згрижување на луѓето во смисла на облека, сместување, помош околу обезбедување на документи, работно ангажирање и слично. Овие луѓе се синоним за хуманост – максимално се вложуваат не само во помош на најранливите категории на граѓани, туку и во едукација и во воспитување прво на нивните деца, а потоа и во подигнување на свеста на граѓаните за социјалните проблеми во општеството и за начините на кои може да се помогне.

Дали социјалните мрежи ја имаат таа моќ да започнат акции кои нема да бидат инцидентни, туку и ќе траат и ќе се надградуваат?
ГЕОРГИЕВСКА: Секако, да. „Ретвитни оброк” е само една од многуте успешни иницијативи. Социјалните мрежи се најбрзиот и наједноставен начин за да се пренесе некоја идеја, континуирано да се организираат настани, и истите да се реализираат.
Имате ли некои идни планови? Дали ќе остане само на „Ретвитни оброк“, или сте во комуникација со некои ресторани или големи ланци на супермаркети околу храната која, наместо да ја фрлаат можат да ја подарат?

Како што расте бројот на членовите, така расте и бројот на идеите што би сакале да ги реализираме во иднина
ГЕОРГИЕВСКА: Како што расте бројот на членовите, така расте и бројот на идеите што би сакале да ги реализираме во иднина. Една од нив е „Ретвитни оброк“ да се прошири и во другите градови низ Македонија. Со некои маркети или ресторанчиња веќе имаме воспоставено соработка која трае, а отворени сме за соработка со сите добронамерници.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски и приватна архива
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


