Нацијата во Македонија старее, а со тоа бројот на заболени од остеопороза се зголемува. Децата малку се движат, постојано седат пред компјутер, сè почесто имаат прекумерна тежина, јадат брза храна која е пресолена. Нивната исхрана е богата со слатки, но не и со сирење, млеко, јогурт… и со тоа ризикуваат да заболат од остеопороза во подоцнежните години. Затоа стручните лица апелираат за здрава и разновидна исхрана, богата со калциум, со витамин Д, многу движење и вежби, да се избегнуваат алкохолот и цигарите. Ако сега не се превенира, посебно кај младите, тогаш многу е веројатно дека по педесеттата година овие деца ќе заболат од оваа подмолна болест. Остеопорозата предизвикува намалување на коскената маса поради што коските многу лесно се кршат. Од оваа болест најчесто страдаат жени постари од педесет години, но има заболени и меѓу машката популација. Она што е ново е дека во последно време имаме млади жени, кои по породувањето многу лесно се здобиваат со скршеници на пршлените, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Снежана Марковиќ-Темелкова, ендокринолог и претседателка на здружението за остеопороза.
Секоја трета жена и секој петти маж над 50 години имаат остеопороза. Дали кај нас се прават редовни програми за откривање на болеста?
МАРКОВИЌ-ТЕМЕЛКОВА: Постои скенирање на остеопорозата во Македонија и тоа главно го прави Македонското здружение за остеопороза одејќи на терен во рурални средини каде што вршиме скенирање за ризик за остеопороза и остеопоротични фрактури. И кај некои приватни ординации постојат апарати за скенирање на остеопорозата. Во ризичните фактори за настанок на остеопороза се полот, возраста, ревмата, пушењето цигари, скршеница над четириесеттата година, кортикотерапијата, која често се дава во пулмологијата при астми и при алергии, потоа терапијата што ја даваат колегите на кардиологија за аритмија. Сето тоа се нешта кои водат до ризикот од остеопороза. Според светските статистики, кај нас во Македонија е можно да имаме околу сто илјади луѓе заболени од оваа болест. Работиме веќе 15 години и луѓето знаат што е остеопороза. Порано ништо не се говореше за овој тивок крадец на нашите коски, болест која нема симптоми сѐ додека не се случи првата скршеница.
Како да создадеме цврсти коски во младоста за нè служат во староста?
МАРКОВИЌ-ТЕМЕЛКОВА: Тоа е многу убава работа, но сепак, ние сме мала земја без материјални можности да го направиме тоа. Во Германија има проект со кој уште во основите училишта се почнува да се говори за здравата храна, за млекото, за млечните производи, за физичката активност, за неседење пред компјутер. Никогаш не е доцна да се почне да се работи на цврстината на своите коски. Ако некој реши дека сака да биде поцврст од тоа што бил, здружението дава совети за исхрана, имаме брошури. Витаминот Д е секаде во дефицит. Ние мислевме дека само албанската жена има дефицит од витамин Д, но излезе дека сме згрешиле. И Македонците имаат дефицит на витамин Д. За жал, кај нас на многу мал дел од видовите млеко е означено колку калциум има во 250 милилитри и колку има витамин Д во 250 милилитри, а тоа е многу важно за да се добие оптимална доза на калциум и на витамин Д во организмот. Врвот на коскената маса, максимумот, се достигнува околу триесеттата година. Што е постигнато дотогаш, постигнато е. Меѓутоа, тука е многу важна и генетиката. Генетиката нè врзува за нашите родители. Ако мајка скршила колк, потоа и сестра или тетка, можеби и ние сме предиспонирани да направиме скршеница на колкот. Ова значи дека може да почне кога било, подобро е да се почне отколку никогаш да не се почне.
Колку години има најмладиот пациент што боледува од оваа болест?
МАРКОВИЌ-ТЕМЕЛКОВА: Нашиот апарат што го имаме, дензитометар и кој беше прв таков апарат во јавното здравство на Клиниката за ендокринологија, моментно има најголема база на податоци на Балканот. Во нашата база на податоци имаме околу 28 илјади прегледани пациенти. Меѓутоа, за жал, нашиот апарат не е софистициран за да може да ги мериме и децата. Тој мери само на возраст над 18 години, така што не можам да кажам колку години има најмладиот пациент со остеопороза. Но, она што е ново е дека во последно време имаме млади жени, кои по породувањето зе здобиваат со скршеници на пршлени. Значи, бебето додека е во стомак е многу себично и јаде сѐ што му треба. Во петтиот, шестиот месец од бременоста се зголемува потребата за железо, за калциум, за витамин Д. Тогаш почнува да црпи калциум од мајката. Значи, мајките над петти месец мора да примаат повеќе калциум и витамин Д, да користат суплементарна терапија, односно да внесуваат повеќе калциум и витамин Д во каква било форма затоа што се случуваат скршеници. Има млади мајки со по два-три скршени пршлена по породувањето. Пршлените се толку „изедени“ што жените мора да носат корсети, а треба да дојат деца. Затоа мора да се стави акцент на ова и мајките по петтиот месец од бременоста, ако не и порано, да добиваат суплементарна терапија од околу еден грам калциум дневно и 800 интернационални единици витамин Д дневно.
Постојат ли фактори на кои може да се влијае и фактори на кои не може да се влијае?
МАРКОВИЌ-ТЕМЕЛКОВА: Можеме да влијаеме преку физичката активност, преку подобрување на исхраната, може да се остават цигарите. Но, не може да влијаеме на полот, на расата, на генетиката и на возраста. Жените се повеќе подложни на остеопороза и остеопоротични фрактури, пред сè затоа што според генетиката се поситни, за разлика од мажите. Уште во детството девојчињата прават поситна коска за разлика од мажите. Кај мажите падот на хормоните кои директно се одговорни за цврстината на коските се случува многу подоцна. Кај жените менопаузата се случува околу 49 до 51 година од животот. Тоа значи дека кај жените многу побрзо паѓаат тие хормони што ги штитат коските. Кај мажите тестостеронот паѓа подоцна. Настанокот на нискоенергетска фрактура по 40 година е, исто така, еден од факторите на кои не може да се влијае. По последно време многу често има и рана менопауза пред 45-та година која настанува поради идиопатски стрес, поради зголемениот број на карциноми на матката и во јајчниците.
Како се манифестираат потешките форми на остеопорозата? Дали може да дојде до искривување на ’рбетот?
МАРКОВИЌ-ТЕМЕЛКОВА: Нема тешки и лесни форми на остеопороза. Поблага форма на остеопороза е остеопенија. Меѓутоа, жените што имаат остеопенија, а тоа се релативно помладите жени – од 50 до 55 години, тие повеќе кршат коски од оние на 70 години што имаат остеопороза. Зошто? Затоа што мислат дека можат да го прават сето тоа што го правеле на 20 години. Најголем број скршеници се случуваат на ниво на остеопенија, а не на остеопороза.
Изградена ли е свеста кај Македонците да одат на преглед за остеопороза?
МАРКОВИЌ-ТЕМЕЛКОВА: За разлика од пред 15 години, сега свеста за преглед е повеќе изградена. За жал, пациентите доаѓаат кај нас кога ќе почувстуваат болки во коските или во мускулите. Болите не се знак на остеопорозата, туку на појава на дегеренативни промени на коските како шилци, коксатрози. Кога некој има болка во кој било зглоб, тој на некој начин се штеди. Тоа е еден вид имобилизација на тој зглоб и тоа е остеопороза. Значи, со недвижење ние индиректно ја правиме остеопорозата. Илјадници, милиони клетки секој момент се разградуваат и изградуваат. Коската е живо ткиво кое постојано се разградува и се изградува до триесеттата година. Од триесеттата до педесеттата година се достигнува врвот, колку се разградува толку се изградува, а над педесеттата година коската многу повеќе се разградува отколку што се гради.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст