| четврток, 6 декември 2018 |

МОН: Продолжува проектот „Градиме мостови“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, заедно со амбасадорот на Холандија Вилем Воутер Пломп и шефот на Мисијата на ОБСЕ Нина Суомалаинен, одржаа прес конференција на која информираа за тековните активностите поврзани со фондот „Градиме мостови“.

– Многупати досега сум потенцирал дека мултикултурализмот е еден од столбовите на кои се потпира нашето општество. Да се живее во држава во која повеќе националности функционираат, работат, творат заедно, е успех за нас како поединци, но и за целата држава. Токму затоа фондот „Градиме мостови“ кој е заеднички проект на Министерството за образование и наука, Амбасадата на Кралството Холандија, Владите на Швајцарија и Ирска и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, постигнува толку добри резултати и станува се помасовно прифатен – рече Адеми.

Министерот рече дека значењето на овој проектот е што преку заеднички активности, учениците, наставниците, родителите од различни етнички заедници, ја раскажуваат приказната за своите особености, на својот јазик. Така, додаде Адеми ќе го изградат мостот кој ќе ги надмине евентуалните препреки со кои можеби некогаш се соочуваат.

– За да се постигне оваа цел фондот „Градиме мостови“ доделува грантови за повеќејазични училишта или за збратимени еднојазични училишта, со цел да се организираат заеднички активности со ученици од различни заедници, а кои наставата ја следат на различни јазици. Активостите можат да бидат од најразлична природа, може да се организираат спортски натпревари работилници, забави – рече Адеми.

Адеми упати апел до училиштата да аплицираат за грантовите кои ги доделува Фондот. Тој нагласи дека можат да аплицираат и училиштата кои веќе ја искористиле оваа можност, но и оние кои од одредени причини претходно биле одбиени.

Грантовите кои ги доделува Фондот се во вредност до 1500 евра, тоа се таканаречените „брзи грантови“ и „редовните грантови“ во вредност до 7 000 евра за кои може да се аплицира во три рокови во текот на годината. Првиот рок за аплицирање е на 1 март.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top