Гостувањето на вистинскиот светски театарски феномен, мјузиклот „Мама Миа!“ во Скопје предизвика неверојатен интерес кај македонската публика, а билетите за претставата која ќе се одржи на 10-ти март во МНТ се веќе целосно распродадени и тоа за помалку од 24 часа!
Радосна вест за сите оние кои не успеаја да купат влезници за распродадената претстава е најавата од „Теди Медиа Груп“ за уште две дополнителни претстави на најгледаниот светски мјузикл. Поради огромниот интерес од публиката, мјузиклот „Мама Миа!“, покрај веќе распродадената претстава на 10-ти март, во изведба на реномираниот белградски театар „Позориште на Теразијама“, во Скопје ќе гостува и на 11-ти и 12-ти март. Сите три претстави на „Мама Миа!“ ќе се одржат на големата сцена во Македонски народен театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот.
Влезниците за претставите на 11-ти и 12-ти март се веќе во продажба, а достапни се преку продажната мрежа на МКтикетс, онлајн и во билетарницата на МНТ. Судејќи по неверојатно брзото распродавање на првата претсава, но и огромниот број на заинтересирани кои не стигнаа на време да го осигураат своето присуство на спектакуларното музичко шоу „Мама Миа!“, ве советуваме да бидете брзи и за овие влезници.
„Мама Миа!“ е најуспешниот современ мјузикл кој секаде ширум светот е распродаден со месеци однапред, додека пак неговите изведби од страна на единствениот специјализиран музички театар во регионов, „Позориште на Теразијама“, редовно и без исклучок се проследени со бурни овации од публиката ширум регионот која на нозе и со восхит го дочекува спектакуларното шоу. Станува збор за спектакуларно тричасовно шоу во исклучително квалитетна изведба на веќе високо признатиот театарски ансамбл кој со прикажаниот професионализам, неверојатна енергија, ентузијазам и посветеност се надминува себе си токму во оваа претстава.
Мјузиклот „Мама Миа!“ е еден од најпознатите наслови на џубокс-мјузикл жанрот, на кој сите нумери се најголемите хитови на шведската група „АББА“, а од светската премиера во Лондон, овој мјузикл досега е изведуван во 40 земји, го погледнале 50 милиони луѓе, а доживеа и успешна екранизација.
На светските театарски сцени „Мама Миа!“ секојдневно се изведува во најмалку седум различни продукции, а тоа нималку не изненадува кога се има предвид популарноста на мјузиклот како жанр, но и популарноста на песните на омилената шведска четворка, кои со текот на времето не бледнеат туку уште посилно одекнуваат на сите меридијани.
Феноменот на составот „АББА“ во деведесеттите, по распадот на бендот, доби сосема нова димензија и тоа токму во овој мјузикл кој премиерно беше изведен во Лондон во 1999 година. Публиката уште од првата изведба беше освоена со љубовната приказна прераскажана преку добро познатите хитови како што се „Chiquitita“, „Dancing Queen“, „I Have A Dream“, „Knowing Me Knowing You“, „The Winner Takes It All“, „Super Trouper“, „Take A Chance On Me“, „Voulez Vouz“…
Но, покрај тоа што ги претставува некои од најпознатите поп песни на сите времиња, мјузиклот „Мама Миа!“ е романтична љубовна приказна за среќата и исполнетиот живот на која никој не може да остане рамнодушен. Со оригиналната музика и текстови на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус, кои заедно со Стиг Андерсон и еден од најдобрите британски драматурзи Кетрин Џонсон се потпишуваат како автори на мјузиклот, „Мама Миа!“ освои многу светски театарски сцени меѓу кои и „Бродвеј“.
Локален копродуцент на овој мјузикл е познатиот екс-ју скијач и олимпиец Јуре Франко кој чекаше дури шест години за добивање на лиценцата за територијата на поранешната држава. Благодарение на „Теди Медиа Груп“ ДОО Скопје, кој е носител на овој проект кај нас, „Мама Миа!“ прв пат доаѓа и пред македонската публика и тоа со целокупниот тим (актерите, балетот, оркестарот, хорот) на единствениот „Позориште на Теразијама“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст