Стратегот на Работнички, Марин Докузовски, не ја криеше гордоста по вчерашниот триумф над МЗТ Скопје. Вечното дерби секогаш го извлекува најдоброто од големите ривали, па Докузовски синоќа можеше да проследи одлично издание на своите избраници, кои беа наградени со голема победа над актуелниот шампион.
– Време беше и на нас да ни се насмевне среќата… Покажавме и квалитет, но пред се карактер, играчите го оставија срцето на терен и сосема заслужено стигнавме до победата. Да бидеме реални, мечот немаше преголемо резултатско значење од аспект на изгледот на табелата, но токму затоа ние игравме без притисок, бевме свесни дека немаме што да загубиме и одигравме онака како што посакувавме. Бескрајно сум горд на најмладите, оние кои прв пат играа вакви дерби мечеви, а покажаа и карактер и квалитет, што е предзнак дека пред нив е убава кошаркарска иднина. Исто така, би го пофалил и Мите Мираковски, кој поради повреда цела недела не тренираше, но стисна заби и ни помогна да стигнеме до големиот триумф – изјави Марин Докузовски.
Следен предизвик е турнирот од Купот на Македонија што почнува в петок, а искусниот стручњак е свесен дека шансите на неговиот тим за некој поголем успех се сведени само на теорија.
„Немаме ротација за еден таков турнир во кој три меча се играат за три дена. Треба да видиме дали Мираковски ќе може да настапи, потоа да се обидеме да ги рехабилитираме и Тасовски и Чековски, кои максимално се истрошија вечерва. Ќе сториме се за да приредиме изненадување, но патуваме за Гевгелија без некакво оптоварување“ – порачува Докузовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.