| четврток, 6 декември 2018 |

МОБ, Филхармонија и „Танец“ во битолскиот Центар за култура

Македонската опера и балет (МОБ), Македонската филхармонија, националниот ансамбл „Танец“ и други уметници ќе одржат целовечерни концерти во битолскиот Центар за култура.

Од националната установа Центар за култура – Битола информираат дека подготовките за претстојните настани се во тек, а од неодамна почна да се реализира и нова културна содржина, стендап со актерите Марјан Ѓоргиевски од битолскиот театар и Никола Тодоровски од театарот во Охрид.

– Први во оваа серија големи културни настани ќе настапат МОБ со популарната кантата „Кармина бурана“. На сцената во големата сала на центарот за култура ќе има 150 уметници меѓу нив и солистите Игор Дурловски, Наде Талевска и Горан Начевски, кои на 5 март ќе ја најават пролетната сезона во Битола. Веднаш потоа ќе бидат одржани концерти на Камерниот оркестар на Битола, националниот ансамбл на народни песни и игри на Македонија – „Танец“, и овој дел од годината ќе го заокружиме со концерт на Македонската филхармонија, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура – Битола.

Менаџерскиот тим на НУ Центар за култура – Битола деновиве се подготвува за 18 издание на Интернационалниот фестивал за монодрама, а паралелно се организираат и одржуваат редовните, но и нови културни содржини.

– Новина се стендап-настапите, кои ги приредуваат Марјан Ѓоргиевски, актер во Народен театар – Битола и Никола Тодоровски, професионален актер во охридскиот театар. Интересот за оваа новина е голем, а со не помал интерес се следат редовните кино претстави. Во текот на месец март на сцените во центарот за култура ќе има и театарски претстави за деца кои ќе ги приредат членовите на Детскиот театар „Бабец“, посочи Димитровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top