| четврток, 6 декември 2018 |

Жена-парк ќе добие комплетно нова урбана опрема

Паркот Жена борец кај Градскиот трговски центар ќе добие нова урбана опрема во склад со проектот „Скопје 2014“. Градот Скопје го распиша тендерот за избор на градежна компанија што ќе го реконструира партерното уредување и осветлувањето во оваа парковска површина во строгиот центар на градот.

На местото на постоечкото осветлување и урбана опрема, градските власти ќе постават клупи, канти за отпадоци и канделабри во „барок“ стил, кои во изминативе месеци се монтираат без исклучок на јавните површини низ централното градско подрачје.

Градските власти пресметале дека новото партерно уредување и осветлување на паркот Жена борец ќе чини 17.197.150 денари, или околу 280.000 евра без вклучен ДДВ. Тендерската постапка за заинтересираните компании е отворена до 3 март, како краен датум за поднесување на понудите до Градот Скопје.

Паркот Жена борец е една од локациите во централното градско подрачје со нови спомен – обележја и скулптури. На малиот јавен простор во изминативе години беа поставени споменикот на „Паднатите херои на Македонија“, Прометеј, спомен – обележјето од првото заседание на АСНОМ, спомениците на македонските бранители, на основачите на ВМРО и на Кузман Јосифовски Питу.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top