| четврток, 6 декември 2018 |

Таму се живот живее, таму се печали и пее

Дома ретко кој ги знае или ги слуша, а на телевизија, пак, ги гледаме само во специјалните новогодишни програми (годинава ни таму), но за македонските фолк-пејачи во Австралија се живот живее, таму се печали и пее

pejaci-aus

Дека на една турнеја низ Сиднеј, Мелбурн и Волонгог се заработува доволно за купување просечен стан, и не е некоја новост. Подобрите и попознати фолк-пејачи меѓу тамошните нашинци од настап земаат просечно по 1.000 долари, а каде е тука бакшишот на кој ретко се штеди. Последен доказ дека кога Балканец сака да се покаже на ваквите веселби е и банкнотата од 500 евра, која пред неколку дена со сочна плунка беше залепена на веќе испотената гола глава на Шабан Шаулиќ. А, ни нашите пејачи не се подолу. Долари се лепат на чело, на зурла, на тапан. За пејачите дожд од долари, за пејачките таква круна.

За нашинците што со години не дошле во стариот крај, фолкерите им се контактот со македонската песна и традиција со која сакаат да ги запознаат своите поколенија што се таму родени за да им кажат од каде им е коренот. Таа нивна носталгија добро се наплаќа.

 

jordan-mitev-aus

Колку, навистина, се заработува?

За Елена Велеска и за Сузана Гавазова, кои и кај нас се најпознати од фолк-сферата, и не изненадува просечната бројка од 15.000 долари или околу 10.000 евра од една турнеја.

Да пеам само во Македонија, тогаш ќе треба да се задоволам само со скромен живот, додека со турнеите во странство можам да си обезбедам особено луксузен живот. По секое мое враќање од странство сакам да се сеќавам на тоа и секогаш купувам нешто скапо за да ја паметам таа турнеја – изјави во едно интервју Елена Велеска.

Но, голем дел од тие што им се познати само на нивните блиски и на музичките новинари, во Австралија и во другите места со македонски иселеници, годишно заработуваат толку за колку на просечен Македонец би му требало децении.

Џесика Палашоска летуваше на Малдиви и вели дека сигурно ќе се врати, Александар Стефановски, пак, вели дека продал крава за да купи музичка опрема, а денес има за да купи цела фарма. Со парите некои купуваат автомобил, некои гради.

 

adrijan-kes01

Дома исмеани, во Австралија испеани

Но, не се само парите тоа што ги носи музичарите на другиот крај на светот. Покрај дружењето и шетањето, во Австралија, пред сѐ, се чувствуваат добредојдени.

– Доживување е, чувството е огромно кога си на сцена и има толку многу луѓе што дошле да те видат токму тебе – призна Андријана Ацевска – Кеш.

Фолкерите се согласуваат и за прашањето за нивната музика. Ако по свадбите, крштенките и на веселбите во Македонија пеат стари македонски и народни песни, во Австралија се цени новокомпонираната песна.

Пред „свадбата без невеста“, како што ја нарекуваат веселбата што е дел од секој настап, тие почнуваат со едночасовен до двочасовен концерт со своја музика, која е многу популарна меѓу нашите иселеници.

Така, самите фолкери сѐ помалку се фокусираат на овој пазар, кој за нив нуди само неколку фестивали во текот на годината, а тие ретко кога поминуваат без некоја нерегуларност или местење.

 

me-zabole

„Ме заболе, оздола, па нагоре“

Песната за која овде измисливме повеќе вицови од тие за Чак Норис, во Австралија на Сања Ристеска ѝ го донесе тоа што го сакаше – слава и турнеја.

„Згоден си недвосмислено, усно и писмено. Не сум ти прва равенка, јас сум студентка“ и „ Да ти бидам швалерка, нема шанси, верувај ми, ако со мене сакаш ти, од жена се раздели“, се само дел од многубројните вакви стихови во песните што ги пеат познатите фолкерки.

Па, и покрај тоа, најмногу благодарение на вкусот за музика на натурализираните Австралијци, речиси сите песни на македонските фолкери имаат милионска гледаност на „Јутјуб“, а нивните албуми се продаваат.

Како за споредба, рефренот „Кеш, кеш, бато ќе ти треба многу кеш, кеш за да допреш секси веш“ е прегледан околу три милиони пати, додека убедливо најслушаната македонска песна од минатата година „Тажна љубов, среќна песна“ има двојно помалку прегледи.

Покрај ваквите „досетливи“ тек­стови, иселените Македонци исто толку им се радуваат на новокомпонираните патриотски песни, во кои се пее за старата татковина, разделеноста со семејството, тешката судбина.

 

elena-jovcecska

Не е само изгледот, има нешто и во талентот

Иако главниот впечаток е дека „поинвентивен“ текст или пособлечена пејачка се формулата за виза и за договорена турнеја во дијаспората, сликата е поинаква.

Не е дека Гавазова, Сања Барби, сопружниците Лазаревски не им се интересни, но кај Македонците низ Австралија, САД, Канада, Германија, Швајцарија, најмногу концерти продава музичарот Јордан Митев. Радовишанецот во Скопје пееше во Домот на АРМ, но надвор дури и фотографирањето со него е атракција. И самиот тој вели дека е Мајкл Џексон меѓу фолкерите.

Најголемата причина за оваа популарност е тоа што Митев е автор на своите песни, но и свири на повеќето традиционални македонски инструменти како кавал, зурла, гајда.

Гајдата ѝ ја донесе вистинската слава и на Елена Јовческа од Прилеп. Пејачката прво се обиде по наведениот рецепт да успее на сцената, но успеа само како девојчето што свири на гајда.

 

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 179. број на неделникот „Република“, 5.02.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top